„Патриотски потерници“ по Пендаровски, Богоевски и Туфегџиќ
Во неколку скопски населби денека се појавија пропагандни летоци, на кои неколку опозициски пратеници се обележани како „предавници“.
„Утрово во Дебар Маало и делови од центар беа излепени овие најнови активистички достигнувања на чистото движење за заедничка Македонија“, напиша Павле Богоевски, еден од учесниците во Шарената револуција, а сега и пратеник. Тој објави фотографија на својот Фејсбук профил на кој ја прикажа потерницата по него.
Покрај него, во населбите се шират и лажни потерници по Стево Пендаровски, поранешниот кандидат на СДСМ за претседател, сега исто така пратеник, како и за Ивана Туфегџиќ, активистка и пратеничка.
Се уште не се знае кој ги дели летоците, иако се претпоставува дека е дел од пропагандните активности на провладините активисти.
Во „потерниците“, опозициските пратеници се барат поради тоа што „прифатиле официјализирање на албанскиот јазик и неговото писмо како втор службен јазик, редефинирање на државата како вовед во кантонизација и федерализација, воведување на казни во висина од 5000 евра за неупотреба на aлбанскиот јазик“,како и други шпекулации кои опозицијата ги негираше.