Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаБогоевски ќе одлучува за имунитетот на Груевски

Богоевски ќе одлучува за имунитетот на Груевски

Во очекување на одлуката на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 по барањето за притвор за повеќе лица од страна на Специјалното јавно обвинителство, се поставува прашањето за имунитетот на пратениците за кои е побаран притворот.

СЈО, меѓу другите, бара притвор и за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и поранешната министерка Елизабета Канческа-Милевска, обајцата пратеници во Собранието на Република Македонија.

Пратениците уживаат имунитет, кој може и да биде одземен според соодветна процедура пропишана во член 53 од Деловникот на Собранието.

Доколку судот денеска го прифати барањето за притвор на пратеник, тогаш за тоа ќе мора да одлучи и Собранието.

Во таков случај, одлуката на Кривичниот совет на судот би требало да се испрати до претседателот на Собранието. Потоа за ова, во рок од два дена, ќе треба да заседава собраниската Комисија деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Претседател на оваа комисија е пратеникот Павле Богоевски од листата на СДСМ. Комисијата во тој рок од два дена треба да достави извештај до претседателот на Собранието, по што има рок од три дена до кога и Собранието треба да одлучи за или против одземање на имунитетот на пратеникот.

Одлуката на Кривичниот суд по барањата за притвор треба денеска да се донесе до 15-16 часот, 24 часа по вчерашното предавање на материјалите од страна на СЈО.