Ѓоковиќ маестрален и повторно во три сета
Светскиот рекет број еден, Новак Ѓоковиќ без никакви потешкотии се пласираше во третото коло на Вимблдон, победувајќи го финскиот тенисер Јарко Ниеминен со максимални 3:0 во мечот кој попладнево се одигра на централниот терен.
На популарниот Ноле му беа потребни нешто повеќе од 90 минути игра и по три освоени сетови 6:4, 6:3 и 6:3, Србинот го надигра финскиот ветеран Ниеминен, кој претходно објави дека ова ќе биде негов последен настап на Вимблдон во кариерата, а по мечот Новак изрази чест и почит што токму тој ќе остане запаметен како последниот играч кој му бил противник на Финецот на неофицијалното Светско првенство во тенис. Во следното коло Ѓоковиќ ќе игра против Австралиецот Бернард Томиќ, кој со 3:0 го елиминира Французинот Ербер.
– По крајот на мечот му честитав за фантастичната кариера. Јарко е фантастичен човек и неверојатен професионалец кој мина толку многу години на врвот во светскиот тенис. Тој е еден од најдобрите момци надвор од теренот и навистина посебно е задоволството што токму јас бев неговиот последен противник на Вимблдон и чест ми што можев заедно со него да го напуштам централниот терен, – изјави Ѓоковиќ веднаш по натпреварот.