Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАСветЗаложничка драма во хотел во Мали-најмалку 7 загинати

Заложничка драма во хотел во Мали-најмалку 7 загинати

Најмалку седум лица го загубија животот денеска во напад врз хотел во градот Севаре, во централниот дел од Мали, во кој најчесто престојуваат странци.

Како што соопшти претставникот на армијата на Мали, Сулејман Мајга, меѓу загинатите се четворца војници, двајца од напаѓачите и еден цивил – странски државјанин.

Би-Би-Си јави дека војници го опколиле хотелот „Дебо“, во кој напаѓачите, за кои се тврди дека се милитантни исламисти, како заложник држат најмалку еден странски државјанин.

Меѓутоа, според армискиот портпарол Дијаран Коне, екстремистите како заложници држат меѓу шест и десет лица.

– Во оваа фаза можеме да потврдиме дека има загинати и ранети на двете страни, како и заложници, изјави Коне, додавајќи дека во тек е акција за ослободување на заложниците.

Претходно, Сулејман Мајга информира дека е можно при нападот да се киднапирани тројца руски пилоти, на како што јави ТАСС, руската Амбасада во Мали ги демантираше ваквите тврдења. – Таквите информации се невистинити. Не знаеме од каде потекнува оваа инфромација, соопшти Амбасадата.

Од друга страна, украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека еден од заложниците во хотелот е државјанин на Украина.

Властите не ја исклучуваат можноста дека целта на нападот било киднапирање на странски државјани, имајќи пред вид дека во хотелот често престојуваат припадници на мировната мисија на ОН во Мали.

Според западни медиуми, во време на нападот во хотелот престојувале тројца Јужноафриканци и еден Французин.