Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаДрама во Илинден: Деца користени како жив штит – не дозволувал багерот да го чисти каналот на неговото земјиште

Драма во Илинден: Деца користени како жив штит – не дозволувал багерот да го чисти каналот на неговото земјиште

Вистинска драма се случувала во населбата Илинден во најкритичниот момент. Со жив штит еден од жителите не дозволувал багерот да пристапи до каналот кој се излеал и поплавил дваесетина куќи – објави 24 Вести.

По неколкучасовна расправија и со помош од полицијата, граѓаните успеале да ја турнат оградата и да му направат простор на багерот. Поплавените жители велат дека биле особено вознемирени кога соседот ги поставил двете малолетни деца како жив штит. Жителот кој го навлече бесот на своите поплавени соседи вели дека тоа е негов имот, а за да им дозволи на багерите да чистат бара записник и обесштетување од општината.

Инспекторка од општина Илинден која во моментот била на терен го потврди настанот и вели дека била нужна интервенција на полицијата. Од водостопанство велат дека тие имаат право да работат 10 метри околу каналот и тоа не е упад во сопственоста.

Живко Поповски од водостопанство вели дека 180 километарската каналска мрежа е функционална и нема простор за загриженост, но нивото на вода во каналот се уште е високо и во случај на нови дождови повторно ќе се прелее. Според Поповски, Илинден е индиректна жртва бидејќи целата вода од Арачиново, Стајковци и останатите села се слеала во оваа општина.

Жителите кои имаат полни дворови вода и се изложени на ужасна реа стравуваат од заразни болести. Градоначалникот на Илинден, Жика Стојановски за 24 Вести вели дека екипите веќе почнале со дезинфекција, но чекаат да се извади целата вода за хемикалиите да имаат поголем ефект. Шести ден по невремето пумпите се уште вадат вода од дворовите.

Видеото со изјавите погледнете го ОВДЕ.