Thursday, May 2, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаев се надева на позитивни перспективи од средбата Димитров – Коѕиас

Заев се надева на позитивни перспективи од средбата Димитров – Коѕиас

Очекувам позитивни перспективи од денешната средба на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција на која, како што истакна, се очекува посебно внимание да се посвети на зголемување на мерките за доверба помеѓу двете држави, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

– Секоја средба е шанса за наоѓање решение за одблокирање на нашите процеси кон потполна интеграција во НАТО и Европската унија. Секоја средба со пријателски мотиви може да ги доближи ставовите и да изнајдеме решение навистина оваа мала земја тука на Балканот, нашата Република Македонија, конечно после толку години да се приближи напред – рече Заев и истакна дека упатствата што министерот за надворешни работи ги добил од Владата и од Парламентот се слични на испратените во изминатите денови и верува дека во тој правец се отвораат и перспективи за разговори.

Премиерот очекува на денешната средба во Атина посебно внимание да се посвети на зголемување на мерките за доверба помеѓу двете земји.

Премиерот рече дека има позитивни очекувања и од денешната расправа на Европскиот парламент за резолуцијата за Република Македонија, која се однесува на извештајот на Европската комисија за 2016 година, како и отстранување на условената препорака.

– Првиот логичен чекор е да се тргне условеноста на препораката, да опстои препораката, а наша желба е да почнеме преговори со ЕУ. Се надевам дека тоа ќе се придвижи брзо, секако тоа зависи од реформите, но и од нашите соседи, пред сè од Грција, но зависи, како што знаете, и од Бугарија заради непотпишаниот договор во кој правец работиме, со цел час поскоро да може да се одблокираат ваквите процеси – изјави Заев.

Премиерот рече дека на седница на Владата која ќе се одржи утре или во петок ќе бидат избрани директорите на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Бирото за јавна безбедност.