Monday, May 6, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаев очекува Туск на Иванов да му пренесе конкретна порака од Брисел за кризата

Заев очекува Туск на Иванов да му пренесе конкретна порака од Брисел за кризата

Очекувам од високиот претставник на Европската Унија, (Доналд Туск, н.з.) кој е во посета на Македонија и има закажано состанок со претседателот Ѓорге Иванов, да пренесе прецизни укажувања од пријателска Европа околу излезот и решението на политичката криза, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по завршување на рочиштето во Основен суд Скопје 1 за случајот „Поткуп“.

Како што пренесува „Мета“, Заев рече оти очекува пораката на Туск да не се разликува од тие што претходно ги дадоа претставниците на Европската Унија.

– Верувам дека таа ќе биде во истиот дух на пораките што претходно го слушнавме од целиот демократски свет изминатите денови и месеци, односно со препорака за брз и мирен трансфер на власта и за почитување на Уставот и на парламентарното мнозинство – рече Заев.

Во врска со конститутивната седница на Собранието, лидерот на СДСМ порача дека парламентарното мнозинство нема да дозволи малцинството во Собранието да го развлекува процесот до бескрај.

– Зад нас е една цела седмица, каде со сите будалаштини, малцинството се изживува и врши терор врз парламентарното мнозинство и врз граѓаните, кои очекуваат придвижување на демократските процеси. Треба да знае малцинството и претседавачот на Собранието (Трајко Вељаноски, н.з.) дека оформеното мнозинство има право и обврска да ја преземе контролата врз парламентот преку избирање на негов претседател од своите редови и на тој начин да ја преземе одговорноста за водење на парламентот – рече Заев.

Прашан какви мерки ќе преземе парламентарното мнозинство, Заев изјави дека постојат алетрнативи кои Уставот, законите и деловникот на Собранието ги дозволуваат и врз основа на кои пленумот на мнозинството може да носи одлуки.

Прашан за коментар за манифестот што ВМРО-ДПМНЕ го објави вчера, Заев рече дека тоа е уште еден од купот изговори на ВМРО-ДПМНЕ да го развлекува процесот за избор на претседател на Собранието и на владата.

– Изнаоѓаат вакви бесмислени причини, претпоставени закани дека некој ќе ја нападне Македонија, но и тие самите не веруваат во тоа – додаде Заев.