Friday, May 3, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВМРО-ДПМНЕ не дозволува разрешување на Зврлевски со блокада на говорницата,

ВМРО-ДПМНЕ не дозволува разрешување на Зврлевски со блокада на говорницата,

На неполни 10 минути откако почна, седмото продолжение на шестата седница на Собранието на Република Македонија беше прекинато зашто пратениците на ВМРО-ДПМНЕ излегоа на говорницата по кратката расправија на претседателот на Собранието, Талат Џафери, со Антонио Милошоски, кој излезе на говорницата. Џафери го повика обезбедувањето да интервенира, но пратениците на ВМРО-ДПМНЕ излегоа на говорницата и откако апелите на претседателот на Собранието да ја ослободат салата не успеаја, Џафери прогласи десетминутна пауза.

На седницата треба да се расправа за владиниот предлог за разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски. Прв зборуваше Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој ги повтори ставовите на неговата партија дека станува збор за незаконско разрешување и побара седницата да биде прекината додека не стаса одговорот од Антикорупциска комисија. Димовски во еден момент му рече на Џафери дека прави незаконска работа и кога веќе така почнал да решава, треба да почне и да ја одредува цената на струјата.

И Милошоски потоа излезе на говорница за да побара расправата за Зврлевски да прекине додека не стаса одговорот од Антикорупциска.

Претседателот на Собранието одговори дека нема пречка да се продолжи со работа по дебатата, што го поткрепи посочувајќи на членот 16 од Законот за спречување на корупцијата.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ вчера побараа од Комисијата за спречување на корупцијата таа да појасни дали треба да продолжи постапката за разрешување на јавниот обвинител, иако е нејасно зошто току таа комисија, чии членови се на одмор, би требало да даде толкување.

СДСМ го нарече апсурдно барањето на ВМРО-ДПМНЕ точката за разрешување на Зврлевски да се одложи по локалните избори. Владејачката партија вели дека процедурата за разрешување на Зврлевски е во целост законска и транспарентна.

На расправата во понеделникот, излагања, реплики, контрареплики и процедурални забелешки главно имаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои рекоа дека разрешувањето е политичка хајка. Тие рекоа дека Зврлевски има процесирано 60 отсто од случаите и ефикасноста е зголемена во неговото време како јавен обвинител.