Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВаљаноски, точен како швајцарски саат, ја прекина седницата во 18 часот и ја закажа за утре

Ваљаноски, точен како швајцарски саат, ја прекина седницата во 18 часот и ја закажа за утре

Претседавачот со конститутивната седница, поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски како и досега, точно во 18 часот, ја прекина седницата и го закажа нејзиното продолжение за утре во 11 часот.

По велигденскиот одмор од пет дена, пратениците во Собранието денеска се вратија да ја продолжат конститутивната седница по 13 пат. Како точки на дневен пред, веќе трета недела се изборот на членови и претседател на Комисијата за избори и именувања како и изборот за претседател на Собранието.

Како и во изминатите 12 продолженија, пратениците дискутираа за се освен за точките на дневен ред. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ меѓусебно имаа реплики и контра-реплики – најчесто напишани – кои ги читаа на собраниската говорница, додека пратениците на СДСМ, ДУИ и Беса се јавуваа само со процедурални забелешки.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека проблемот не е во насловот на платформата на албанските партии туку дека е во тоа што со тој документ се бара ре-преговарање на охридскиот мировен рамковен договор во кој прецизно е дефинирана употребата на албанскиот јазик во Македонија.

Петре Шилегов од СДСМ преку процедурална забелешка рече дека ВМРО-ДПМНЕ се преставуваат како најголеми борци за Македонија, а всушност сакаат да се спасат од криминалното владеење.

На ова за процедурално се јави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Крсто Муковски, кој рече дека пратениците на СДСМ треба да се осмелат да излезат и кажат дека ја прифатиле платформата, па со неа да излезат на избори.

Најстариот пратеник во Собранието, Бранко Маноиловски од ДУИ ги повика сите да работат во корист на Македонија и порача дека одолговлекувањето на процесите не е добро за никого.