Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЦК на ВМРО-ДПМНЕ: Нема да го поддржиме договорот со Бугарија во Парламентот

ЦК на ВМРО-ДПМНЕ: Нема да го поддржиме договорот со Бугарија во Парламентот

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ синоќа одлучил дека партијата нема да го поддржи договорот за добрососедство со Бугарија во Парламентот на Република Македонија, соопштија денеска од ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението се наведува дека е добро да се потпише договор за добрососедство со Бугарија, заради зацврстување на соработката и пријателството меѓу државите и секако заради најавата на Бугарија дека поцврсто би го поддржала патот на Македонија кон полноправно членство во НАТО и Европската Унија, но не под овие услови кои се наведени во текстот од договорот.

– Доколку работите останат вакви, Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ заклучи дека и покрај големата желба и искрена волја, ВМРО-ДПМНЕ нема да е во можност да даде поддршка на овој договор во Парламентот на Република Македонија. Со сегашните одредби на овој договор, можеби не веднаш, но по една и повеќе години од неговото потпишување, во времето на неговото спроведување, Македонија ќе се соочи со сериозни проблеми, чие решавање ќе биде на штета на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ под вакви услови не сака да ја споделува одговорноста која СДСМ ќе ја има пред граѓаните на Република Македонија и македонскиот народ, во ситуација кога СДС оди директно спротивно на волјата на мнозинството граѓани на Република Македонија, стои во соопштението.

Од партијата наведуваат дека еден ден, како и секој друг договор, и овој договор може да биде преиспитан и жали што двете преговарачки страни одлучиле набрзина, без инклузивност на сите политички фактори и стручната фела и не земајќи ја предвид волјата на македонскиот народ, ќе го склучат овој договор, со тоа ставајќи ја ВМРО-ДПМНЕ во позиција да не го поддржи договорот.

ВМРО-ДПМНЕ истовремено ги осудува и ги отфрла сите тврдењата дека се против влегување во НАТО и ЕУ, дека одработуваат за Русија или дека се антибугарска партија.