Tuesday, Apr 16, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаФРОДЕМ: Процесот на помирување не смее да биде условуван со бојкот на Собранието

ФРОДЕМ: Процесот на помирување не смее да биде условуван со бојкот на Собранието

Од „Фронтот за демократска Македонија“ (ФРОДЕМ) на Јове Кекеновски преку соопштение денеска реагираат во врска со најавениот бојкот на Собранието на Република Македонија.

„На народниот пр(л)атеник Влатко Ѓорчев и останатите климоглавци никако да им дојде ум. Дијалогот и процесот на помирување го условуваат со ослободување на осомничените за случувањата од 27 април. Да се разбереме, зa ФРОДЕМ дијалогот и процесот на помирување не смее да биде условуван од никој, а најмалку од соученици и заштитиници на криминалните дејствија и злосторства во минатото“, стои во соопштението.

Како што истакнуваат од ФРОДЕМ, некои од овие верни довчерашни и сегашни прислужници, на функцијата народен пр(л)атеник, се срам на Република Македонија.

„Наместо јавно да се извинат за сите сторени срамотилаци и арамилаци тие и понатаму сеат магла и се обидуваат да условуваат па дури и да уценуваат. Тие и понатаму живеат во времето на нивниот идол Груевски, и понатаму сметаат дека дека народните пр(л)атеници треба да бидат недопирливи и да прават што сакаат. Тие никако да разберат дека пратеничкиот имунитет не смее да биде параван за неодговорност, беззаконие, јавашлук и неправда“, велат од ФРОДЕМ.

Оттаму додаваат дека време е за правда и одговорност за стореното, без разлика дали на некого му се допаѓа тоа или не.

„Време е за Ваше јавно извинување. Тоа што некој си Христијан Мицкоски му подал рака на премиерот Заев, не може да биде причина за непочитување и негирање на одлуката на Кривичниот суд, а уште помалку причина за бојкот на Собранието на Република Македонија. Никој не ви дал за право да го повикувате премиерот Заев ‘демек најмоќниот човек во државата’ да влијае на Кривичниот суд и да наложува ослободување на осомничени и обвинети лица. И Зоран Заев мора да биде ист како и останатите граѓани. И за него како и за сите нас мора исто да важат законите и правдата. Доста беше мешање и влијание на политиката и политичарите во судството“, се вели во соопштението на ФРОДЕМ.

Оттаму се децидни дека дијалог и процес на помирување мора да има.

„Дијалогот и просперитетот на нашата држава не смее да зависи од неколкумина первертити, ‘дечки’ за сите времиња премачкани со сите можни бои. Време е на принципи, достинство, морал, ред, поредок и правда“, потенцираат од ФРОДЕМ.