Tuesday, Mar 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаТачан: НАТО ја поддржува реформската агенда на новата влада

Тачан: НАТО ја поддржува реформската агенда на новата влада

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска имаше средба со помошник генералениот секретар на НАТО за јавна дипломатија, Илдем Тачан, кој престојува во официјална посета на Македонија.

Како што соопшти кабинетот на претседателот на Собранието, Тачан ја нагласил натамошната поддршка на НАТО за исполнување на амбициозната реформаторска агенда на новата Влада на Република Македонија, особено на планот на владеење на правото, јакнењето на мултиетничкото општество и принципите на Охридскиот договор, како и одржувањето и негувањето на добрососедските односи.

– НАТО ја охрабрува Република Македонија во насока на имплементација на реформаторската агенда и воспоставување на поблиски релации со сите земји членки на НАТО на билатерална основа, да даде добра презентација на Годишната национална програма пред Северно-атлантскиот совет и особено Собранието на Република Македонија преку својата Делегација во Парламентарното Собрание на НАТО да покаже зголемен ангажман и да ја врати клучната улога на парламентот како вистинско место за реален политички дијалог, се вели во соопштението.

Џафери, се посочува, на средбата изразил благодарност за поддршката дадена од генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за изборот на новата Влада и новото парламентарно мнозинство, како и во однос на реформаторските процеси во општеството и на планот на забрзаната интеграција на државата во НАТО.

Претседателот на Собранието навел дека Македонија веќе 18 години успешно го подготвува Годишниот план за членство во НАТО и потенцирал дека како поранешен заменик-министер за одбрана, а потоа и министер за одбрана, имал голем ангажман и удел во напорите за полноправно НАТО членство. Џафери изразил убеденост дека само со конструктивен дијалог со соседите во однос на спорните прашања и со активен ангажман во исполнувањето на Планот 3-6-9, како и со консензуално усвојување на Предлог-декларацијата за забрзување на реформаторските и интеграциските процеси за зачленување во ЕУ и НАТО, ќе се финализира „незавршената работа“ од Букурешкиот Самит на НАТО во 2008 година.

Соговорниците споделиле позитивни мислења околу пристапувањето на Црна Гора како 29. полноправна членка на НАТО, при што претседателот на Собранието истакнал дека неговата прва официјална билатерална посета беше токму во Црна Гора, кога и лично им ги пренел искрените честитки за овој огромен успех, изразувајќи цврста надеж дека Република Македонија за многу скоро време ќе биде следната, 30. земја – членка на НАТО алијансата.