Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСудскиот совет следната недека ќе расправа за оставката на Рибарев

Судскиот совет следната недека ќе расправа за оставката на Рибарев

Судскиот совет сè уште не ја закажал итната седница по оставката на в.д. претседателот на Основниот суд Скопје 1, Стојанче Рибарев, а како што изјави претседателот на Советот, Зоран Караџовски, таа најверојатно нема да биде одржана денеска и ќе биде закажана од понеделник.

Во врска со тоа какво ќе биде решението на Судскиот совет околу изборот на шеф на Кривичниот суд во Скопје, односно дали ќе се оди на избор на претседател или повторно ќе постави вршител на должност, Караџовски вели дека според законот, и двете опции се отворени.

Судскиот совет на 20 јули распиша нов оглас за избор на претседател на скопскиот кривичен суд, откако претходниот пропадна.

– Опциите се да поминат изборите и да се одреди разумен датум за избор на претседател на судот или, пак, да се оди повторно на поставување в.д. претседател, што е, исто така, според закон – ни изјави Караџовски.

Инаку, во меѓувреме, со Основниот суд Скопје 1 раководи судијката Дијана Груевска-Илиевска, која го заменува Рибарев.

Тој, како што соопшти Судскиот совет, оставката ја поднел завчера. Пет дена претходно, тој испратил известување до Советот дека од истиот ден, односно 20 октомври, е на боледување и дека ќе го заменува судијката Дијана Груевска-Илиевска.

Оставката на Рибарев доаѓа во период кога најголемиот и најважниот суд е во фокусот на јавноста поради ревизијата што ја спроведува комисија на Министерството за правда, поради индициите за злоупореби на автоматизираниот систем за управување со судските предмети (АКМИС). Актуелни се и обвиненијата што ги поднесе СЈО, за кои се очекува наскоро да почне судската постапка, но во тек е и постапката за екстрадиција на поранешните началници на УБК, Горан Грујовски и Никола Бошковски, што ја води Министерството за правда, а Кривичниот суд треба да ги подготви списите за случаите што се водат против нив.

Дел од медиумите шпекулираат дека Рибарев, наводно, поднел оставка бидејќи не можел да ги истрпи притисоците, кои, како што пишува „Дојче веле“, повикувајќи се на судски извори, доаѓале „однадвор – од лица засегнати со истрагите на СЈО, но и од нивни експоненти внатре, во судот“. Засега нема потврда или демант од Рибарев. Тој во известувањето што го доставил до Судскиот совет навел дека оставката ја поднесува од лични причини.

Основниот суд Скопје 1 веќе речиси една година нема претседател, откако на почетокот на декември минатата година му истече мандатот на Владимир Панчевски, кој во изминатиот период е мета на обвинувања за лошите состојби во судот, а неодамна во неговата канцеларија и во неговиот дом СЈО изврши претрес во врска со предистражна постапка што ја води ова обвинителство.