Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаСудот го прифати обвинителниот акт за првите луѓе на Скопски пазар

Судот го прифати обвинителниот акт за првите луѓе на Скопски пазар

Советот на Основниот суд Скопје 1 денес го прифати во целост обвинителниот акт против неколкумина членови на раководството на Скопски пазар, меѓу кои и претседателот на Управниот одбор на компанијата, Сашо Давитковски.

Со решението на Судот, предметот сега ќе биде распределен кај конкретен судија, по што ќе започне судење за милионски криминал со акциите на компанијата. Судот минатата недела одржа подготвително рочиште што траеше два часа, на кое се појавија обвинетите.

Медиумите во земјава веќе објавија, повикувајќи се на јавно објавени документи на компанијата,  дека Скопски пазар во 2007 година потрошил значаен износ на парични средства за откуп на сопствени акции, кои потоа биле повлекувани непосредно по нивното купување. Документите покажуваат дека Собранието на акционери на компанијата, на иницијатива и со поддршка на раководството, во два наврати во периодот 2006-2007 година повлекло вкупно 14.522 сопствени акции, кои што самата компанија претходно ги купила на пазарот за повеќе од 85 милиони денари, или близу 1.5 милион евра.

Вниманието на обвинителите го привлекло токму ова планско купување сопствени акции со единствена цел да се повлечат. Тоа, според познавачите, е спорен потег на првите луѓе на фирмата, за кој нема економска оправданост, а единствени добитници биле самите директори, чиј влог во сопственоста на фирмата растел.

Како што се гледа од документацијата, ваквите потези всушност биле дел од  повеќегодишна пракса во СП – директорите да предлагаат трошење на пари на фирмата за купување сопствени акции кои веднаш се повлекуваат.

Според познавачи на состојбите во некогаш успешната компанија, нејзината денешна тешка состојба е резултат на ваквите и слични потези на раководството во минатото. Изминативе месеци, Скопски пазар ги полнеше страниците на медиумите со информации за продажба на атрактивни недвижнини, доцнење на плати и придонеси, задолженост со милионски кредити и затворање на сите супермаркети во Скопје, кои без заштитен знак на Скопски пазар.