Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаСомнежи дека директорот на Скопски пазар договарал бизниси со сопругата зад грбот на акционерите

Сомнежи дека директорот на Скопски пазар договарал бизниси со сопругата зад грбот на акционерите

Претседателот на Управниот одбор на Скопски пазар, Сашо Давитковски, како заинтересирана страна и спротивно на повеќе законски одредби од Законот за трговски друштва во изминатите неколку години соработувал, а не е исклучено и сè уште да соработува со фирмата „Сити фешн груп“ во која неговата сопруга Лилјана Давитковска, според документите од Централен регистар, поседува половина од основната главнина, а се појавува и во улога на нејзин управител.

Другата половина од оваа компанија е во сопственост на Марија Тасиќ, исто така сопруга на раководител во Скопски пазар.

Соработката меѓу Скопски пазар и Сити фешн груп се остварувала без претходно да биде одобрена од надлежен орган на СП, надзорниот одбор или собранието на акционери, а воедно остварената соработка, спротивно на законските правила, била прикриена од акционерите. Со ова се наметнува прашање дали Давитковски го оштетил Скопски пазар, прибавувајќи корист за „Сити фешн груп“, а со тоа и дали се јавува за сторител на кривично дело  Злоупотреба при склучување договор меѓу заинтересирани страни, според член 275 од Кривичниот законик.

Како се стигнува до ваквата злоупотреба?

Согласно членот 349 од Законот за трговски друштва секој член на орган на управување, во случајов Давитковски, кој има интерес во определена зделка, должен е веднаш да го пријави. Од содржината на членот 457, пак, се заклучува дека Давитковски е заинтересирана страна во зделките на Скопски пазар со Сити фешн груп, затоа што тие се склучуваат и вршат со компанија управувана и стопанисувана од неговата сопруга. Според членот 460 од Законот за трговски друштва, секоја зделка со заинтересирана страна е предмет на претходно одобрување од надзорниот одбор или собранието на акционери, а во спротивно е без правна сила.

Дознаваме дека недозволената соработка на Скопски пазар со Сити фешн груп е утврдена од страна на независна ревизорска куќа, откако меѓу акционерите се јавиле сомневања за евентуални злоупотреби на средства на компанијата во зделки со заинтересирана страна, по што и дошло до ангажман на ревизор.

Ревизорската куќа Дилојт ги потврдила овие сомневања, утврдувајќи дека зделките меѓу Скопски пазар и Сити фешн груп претставуваат зделки со заинтересирана страна и дека Давитковски воопшто не го пријавил својот интерес пред надзорниот одбор, иако за ова имал законска обврска, санкционирана дури со кривична одговорност, како и дека овие зделки не се претходно одобрени од надлежниот орган на компанијата. Воедно, за зделките не се известени акционерите и јавноста во годишниот извештај, составен од раководството, утврдила ревизијата.

Инаку, овие зделки во текот на 2014 и 2015 година изнесувале речиси пет милиони денари. Во 2016 година, Давитковски откако ги реализирал зделките во кои е заинтересирана страна, а и откако ревизорот излегол со своите наоди, решил пост- фестум да го извести надзорниот одбор за својот интерес, но наместо, според законот, таквата изјава на Давитковски да се оцени како ненавремена и спротивна на членот 460 од Законот за трговски друштва, надзорниот одбор ја прифатил.

Излегува дека Давитковски известил дека има судир на интереси откако си завршил работа, која спротивно на закон ја прикривал од акционерите и инвеститорите.

Инаку, да биде работата уште повеќе заплетена во зоната на судир на интереси, претседател на Надзорниот одбор на Скопски пазар е Предраг Милосављевиќ, брат на сопругата на Давитковски, Лилјана Давитковска, што значи дека и самиот е заинтересирана страна во овие зделки, поради што тој нема законско овластување да расправа, односно да се произнесе во однос на нивно одобрување. Прашање е дали сепак тој знаел за зделките на сестрата и зетот, а притоа молчел?

На крај, се поставува прашање во чиј интерес работел Давитковски, во интерес на акционерите на Скопски Пазар на што е обврзан со Законот за трговски друштва или во свој личен и семеен?

Скопски пазар изминативе месеци се најде во тешка финаниска состојба, откако долгогодишните наталожени долгови на фирмата го принудија некогашниот трговски гигант да го напушти бизнисот со супермаркетите и да ги продава или издава своите најатрактивни локали.