Wednesday, May 1, 2024
HomeДЕНЕШНАСветСудири на демонстрантите и полицијата во Париз

Судири на демонстрантите и полицијата во Париз

Стотици учесници на протестот поради Законот за труд во Париз се одделија од илјадниците демонстранти и почнаа да поставуваат барикади од контејнери и да фрлаат со шишиња врз полицијата, која возврати со солзавец. При инцидентот се повведени девет лица, по што протестот продолжи мирно.

Илјадници пристанишни работници денеска го блокираа еден од главните нафтени терминали во Франција, што се наоѓа во градот Авр, по што се собраа на плоштадот пред градското собрание фрлајќи димни бомби во знак на протест поради предложените реформи во домен на работата.


Насекаде во Франција денеска се одржуваат нови штрајкови, протести и блокади поради спорниот закон за работа, а синдикалците уште од рано изутрина палеа гуми и го блокираа главниот мост во Авр. Во Шербур штрајкувачите го блокираа пристапот до бродоградилиштата, а во Перпињан поставени се барикади на автопатот А-9 кон Шпанија. Пет од осумте француски рафинерии и натаму се блокирани. Кон штрајкот се приклучија и вработените во во 19 нуклеарни електрани.

Францускиот премиер Мануел Валс претпладнево изјави дека нема да се откаже од реформите во сферата на работните односи, но дека има можност тие да се променат „кон подобро“, но не прецизираше кои се евентуалните измени. Измените на новиот закон за работни односи, кои предвидуваат продолжување на сегашната 35-часовна работна седмица и полесно отпушање на вработените, веќе со недели предизвикуваат протести и бран од штрајкови во Франција.