Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионСтипе Месиќ се враќа во политиката

Стипе Месиќ се враќа во политиката

Поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ се враќа на политичката сцена во Хрватска и тоа како кандидат за пратеник на претстојните предвремени парламентарни избори закажани за 11 септември. Како што објавија денеска хрватските медиуми, Месиќ ќе се најде на листата на кандидати за пратеници на Народната коалиција, предводена на Социјалдемократската партија (СДП) на поранешниот хрватски премиер Зоран Милановиќ.

Договорот за кандидатуара на Месиќ бил постигнат вчера на средба на претставници на СДП со делегација на Хрватската партија на пензионерите (ХСУ), која е една од членките на Народната коалиција. Лидерот на ХСУ, Силвано Хреља соопшти дека Месиќ ќе биде кандидат за пратеник на листата во Првата изборна единица, која го опфаќа реонот на Загреб.

– Месиќ ни рече дека би сакал да и помогне на Народната коалиција, а ние му рековме дека ќе прашаме кај коалициските партнери. Прашавме и тие ни рекоа дека нема никаков проблем тој да се најде на листата, рече Хреља.

Според договорот, Месиќ ќе биде дури на десеттото место на листата на Народната коалиција, но благодарение на моделот на преференцијални гласови има големи шанси да обезбеди пратенички мандат. Можноста за враќање во политиката Месиќ ја најави уште кон крајот на април годинава, кога Хравтскиот сабор му ја укина Канцеларијата, на која дотогаш имаше право како поранешен шеф на државата.

– Изминативе шест години се чував да не се бавам со актуелната политика, но бидејќи ме втурноваат во актуелната политика, моето ангажирање ќе биде вистинско. Во секој случај сега ќе влезам во политиката. Бев градоначалник, претседател на Владата и на Парламентот, во два мандати претедател на државата, како и последен претседател на Југославија. Имам богато искуство. Бидејќи има сили што сакаат повторно да ме вовлечат во политиката, сега и ќе ме добијат, порача тогаш Месиќ.

Инаку, покрај СДП и ХСУ, меѓу поголемите партии членки на Народната коалиција се и Хрватската народна партија (ХНС) и Хрватската селанска партија (ХСС). Според последните анкети на јавното мислење, Народната коалиција има убедливо водство со над 10 проценти предност пред коалицискиот блок предводен од Хрватската демократска заедница (ХДЗ).