Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаСоветот за етика реагира на објавувањето снимка од прегазувањето, МВР со пет кривични

Советот за етика реагира на објавувањето снимка од прегазувањето, МВР со пет кривични

СВР Куманово поднесе кривична пријава против пет лица во врска со случајот на 25.06.2016 кога четиригодишно момче беше прегазено пред Здравствениот дом во Куманово, по што од здобиените повреди почина на клиниките во Скопје. Како што денеска соопшти МВР, кривична пријава е поднесена поради постоење основи на сомнение дека првопријавениот Б.И.(30) сторил кривично дело „убиство“ по член 123 став 1 во врска со член 19 „обид“, додека останатите пријавени лица Б.И.(23), С.А.(36), С.Д.(36) и А.А.(32) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. Од страна на судија на претходна постапка, се подвлекува во соопштението, на првипријавениот му е определена мерка притвор во траење од 30 дена.

Најверојатно, пријавените за насилство се лицата кои го претепаа возачот кој намерно удри во семејството, а можеа да се забележат на снимката од безбедносните камери објавена утрово. Во врска со снимката, реагираше Советот за етика во медиумите на Македонија.

Како што се наведува во соопштението на СЕММ, објавувањето на видео-снимката е и во спротивност со член 8 од Кодексот на новинарите, според кој „начинот на информирање во случаи на семејни трагедии мора да биде ослободен од сензационализми“.

СЕММ, исто така, укажува на медиумите дека преземањето и објавувањето на таквата содржина внесува дополнителна вознемиреност и гнев кај јавноста околу инцидентот и последиците од него, а на уредниците им укажува дека сензационалистичкото известување во јавноста нема предност над професионалното и етичкото известување во кое е потребно да се води сметка и за последиците од трагедијата за семејството.

Според СЕММ, и покрај тоа што ваквото известување кај некои од медиумите би можело да се оправда со потребата од задоволување на јавниот интерес и разбирање на тежината на инцидентот, укажуваме дека новинарите и уредниците треба да ја почитуваат и приватноста на личноста, што е во согласност со член 7 од Кодексот на новинарите на Македонија.

– Апелираме до медиумите да водат сметка за целта и последиците од своето известување, како и за публиката што ќе дојде во допир со вознемирувачката содржина. Освен тоа, им укажуваме на уредниците дека сносат одговорност што со објавувањето на таквиот материјал овозможуват и негова понатамошна поширока дистрибуција и пристап до него од ранливи категории граѓани и малолетни лица, што би можело да предизвика дополнителна вознемиреност и последици од таквото известување, се наведува во соопштението на СЕММ.