Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаМВР доби 45 нови „шкоди“ од Чешка

МВР доби 45 нови „шкоди“ од Чешка

Амбасадорот на Чешка во Македонија, Мирослав Томан денеска на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски му ја предаде донацијата од 45 возила од марката „шкода“, во вредност од околу еден милион евра.

Спасовски истакна дека за време на мигрантската криза Чешка дала „извонреден придонес за зајакнување на капацитетите на македонската полиција“.

– Нивната финансиска и материјално-техничка помош веќе надминува два милиони евра. Со оваа донација набавени се возила кои ќе служат и за граничната полиција, но и за полициските станици кои се во граничните подрачја, се со цел да може да ја зголемиме ефикасноста на полицијата, а со тоа и безбедноста на граѓаните – рече Спасовски на свеченото примопревање на возилата на паркингот во кругот на Министерството за внатрешни работи.

Амбасадорот Томан истакна дека Чешка со задоволство и помага на македонската полиција и дека тоа ќе го прави и во иднина.

– Со министерот Спасовски разговараме како понатаму Република Чешка да му помогне на МВР. Република Чешка не помага само финансиски туку на јужната граница веќе е 14-от контингент на чешки полицајци, кои помагаат јужната граница да биде што побезбедна. Соработката меѓу македонските и чешките полицајци е одлична и во следната 2018 година ќе продолжиме со истиот број на полициски службеници – рече Томан.

Од 2016 година до сега во обезбедувањето на јужната граница учествуваа 534 чешки полициски службеници, а реализацијата на проектот е предвидена и за наредната 2018 година.

Вчера, македонската полиција доби донација од Европската Унија во возила и опрема вредна околу четири милиони евра, исто така наменета за подигање на капацитетите на граничната полиција.