Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСоветот на АВМУ со политичка одлука – Сите телевизии во ист кош

Советот на АВМУ со политичка одлука – Сите телевизии во ист кош

Со политичка одлука, Советот на Агенцијата за медиуми ги девалвира објективните медиуми и ги става во ист кош со оние за кои е констатирано дека емитуваат говор на омраза – реагира ЗНМ.

Извештајот на стручната служба која ги констатира сите неправилности на телевизиите, е дополнет од страна на Советот со заклучок дека најголемиот дел од телевизиите биле политички пристрасни. Здружението на новинари бара извештајот да се преработи пред да стигне пред пратениците – пренесува Тв 24.

„Дека медиумскиот регулатор е политизиран и партизиран. Членовите на советот што го условиле заклучокот дека сите национални телевизии биле непрофесионални во нивното известување, спротивно на надзорот на стручната служба на Агенцијата, практично ја потврдуваат нивната партиска поврзаност“ – изјави Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

„Овој став е политички мотивиран и со него се сака да се стави знак на еднаквост меѓу медиуми за кои во мониторингот не биле констатирани прекршувања на професионалните новинарски стандарди со оние за кои има десетици пријви за прекршување на стандардите и констатиран говор на омраза“ – изјави Зоран Фиданоски, член на Советот на АВМУ.

Претседателот на Советот на АВМУ, Лазо Петрушевски не сакаше да застане пред камерата на ТВ 24 и вети дека веднаш по усвојувањето, ќе го достави извештајот до нашата телевизија.

„Се што имав кажав на вчерашната седница. На наредната седница ќе го усвоиме извештајот, а потоа ќе го објавиме за јавноста. Заклучокот кој го донесовме е став на Советот независен од извештајот, Извештајот не е допрен“ – вели Петрушевски за Тв 24 во краток телефонски разговор.

ТВ 24 која важи за една од најобјективните телевизии во земјава доби политички етикети и покрај извештајот на стручната служба според кој ТВ 24 известува непристрасно и ги почитува професионалните стандарди.

„Тоа е тотални шизофрено одлучување како што може да забележа, од извештајот на самиот совет, бидејќи во едниот дел на извештајот што е содржинскиот, сосема коректно да дава оценката за балансирано и непристрасно известување, како што впрочем известува тв 24, а во општиот заклучок си вади некои заклучоци кои не гледам на што се базирани , на што се темелени и да ги замолам конечно да се одлучат дали тв 24 известува пристрасно за ВМРО-ДПМНЕ, заради што сега ние одиме по судови или известува пристрасно политички за опозицијата. Очигледно е дека станува збор за тотална конфузија во работењето на телата коишто треба да ги контролираат и да го следат работењето на медиумите“ – изјави Младен Чадиковски, главен и одговорен уредник на ТВ 24.

На ваквиот заклучот реагираа и останатите засегнати телевизии.

„Најостро ги осудуваме таквите очигледно политички мотивирани тенденциозни обиди кои се сосема спротивни на сите досегашни извештаи на Агенцијата и во време на избори и вон изборен период, кој говорат исклучиво за професионално и објективно работење на Телма. Ова се тенденциозни обиди сите медиуми да се стават во ист кош што е неприфатливо и воедно е непримерен обид за инструментализација на Агенцијата за политички цели, што е спротивно на нејзината основна задача и на препораките од ЕУ“ – вели уредништвото на ТВ Телма.

Телевизија Шења, според Советот на АВМУ исто така се најде на листата политички пристрасни.

„Дека тв Шења е политички пристрасен медиум, мислам дека е нелогично, зошто институцијата што беше задолжена да врши мониторинг за изборите донесе тотално спротивна одлука“ – изјави Муамер Беќири, генерален директор на Шења.

Телевизиите кои се најдоа оштетени од заклучокот на Советот, како и ЗНМ бараат Советот да си ја преиспита одлуката и да го промени скандалозниот заклучок.