Friday, Apr 26, 2024
HomeГОВОРНИЦАИнтервјуСо „Ајде Македонија“ да бунтуваме заедно против отпадот

Со „Ајде Македонија“ да бунтуваме заедно против отпадот

Нашата земја се соочува со голем проблем кога станува збор за комуналниот отпад и неговото нерационално искористување. Врз основа на количините регистрирани во Европските земји, се проценува дека граѓаните на Република Македонија во урбаните средини произведуваат околу 300 килограми отпад по жител годишно. Половина од овој отпад се продуцира во руралните средини. Статистичките податоци покажуваат дека 80% од отпадот од домаќинствата се собира и депонира во „организирани“ депонии во густо населените урбани средини. Во повеќето општини од рурален карактер (надвор од руралните градови) отпадот не се собира, или според друга статистика околу 250 000 тони годишно останува несобран комунален отпад. Единствена депонија кај нас која ги исполнува сите услови и стандарди е Дрисла.

otpad

Соочувајќи се со оваа проблематика, во нашата земја се формираше национална граѓанска мрежа „Ајде Македонија“, која веќе неколку години работи на проблемот со отпадот. Основана е во 2011 година, а првите активности започнуваат веќе во наредната 2012 год. Составена е од повеќе, главно еколошки организации  меѓу кои најголема е „Сојузот на извидници“. Блаже Јосифовски, претседател на асоцијацијата, за Позитив.мк зборува за активностите во „Ајде Македонија“.

akcija

– Првичната цел е да се направи еден систем за управување со отпадот во Македонија бидејќи, токму тој го покажува резултатот од начинот на нашето живеење, а гледајќи околу нас ќе заклучиме дека ние сме општество кое фрла и не се грижи за ресурсите. По националната голема акција која ќе се одржи годинава, планираме „Ајде Македонија“ да прерасне во вистинска голема асоцијација која воедно ќе биде и најголема еко-мрежа во Македонија. Главната цел е концептот на нула-отпад, а тоа подразбира дека отпадот треба да се третира преку реупотреба и рециклирање, а сето она кое не може да биде искористено во овие фази, да биде привремено депонирано за да се најде начин за понатамошно негово решавање.

obuki

Тој вели дека се залагаат против горење и инсенерација на отпадот за да се добие енергија бидејќи, тоа предизвикува кон поголеми стакленички мисии на CO2. Секојдневно имаат масовни активности а младите се најверните учесници.

-Најголеми активности ни се тие масовни национални акции. Во 2015 год. имавме 20 000 учесника низ цела Македонија во еден ден, што покажува дека има еден потенцијал за целата оваа работа. Се надеваме дека оваа година на 1 октомври ќе бидеме уште помасовни. Минатата година ги мапиравме од прилика поголемите депонии низ Македонија така што оваа година ќе одиме на чистење. Планираме да имаме уште поголема промотивна кампања, од септември ќе имаме едукации низ училиштата, ќе имаме промотивни видеа, интересни герила-акции што се појавуваат со интересни слики, ќе вмрежуваме невладини организации низ целата држава, ќе одиме до секоја општина и ќе формираме локални групи кои ќе се залагаат за едно одржливо решение за отпадот во општината.

posebni potrebi

Сепак активностите не застануваат овде. Како што најавуваат од „Ајде Македонија“, планираат да постават неколку фрижидери низ Скопје во кои рестораните ќе можат да ја постават храната која е безбедна за конзумирање а граѓаните надвор од рестораните да можат бесплатно да си ја земат и нормално да ја конзумираат.

– Сакаме да потенцираме дека храната е основен човеков ресурс и дека ја фрламе без да размислуваме што се случува со неа понатаму. И иако Македонија е сиромашна земја сепак има доволно храна за сите. Сепак, морам да ја спомнам и соработката со децата од училиштето за посебни потреби „Наум Охридски“, која ни е особено значајна. Отворивме пилот-систем за собирање на облека, која потоа учениците од ова училиште ја поправаат и дел од неа ја земаат за себе а другиот дел ја донираме на ранлиово загрозени семесјства. Со тоа покажуваме колку тие деца можат да допринесат во општеството и исто како и храната, така и облеката не е за фрлање туку многу лесно може да се реупотреби или да се редуцира, вели Блаже Јосифовски, претседател на организацијата.

shishinja

„Ајде Македонија“ особено е горда на минатогодишната акција при собирање на отпадот спроведена низ целата држава, каде во еден ден учествуваа околу 20 000 учесници. Оваа година исто така се најавува уште поголема и помасовна акција закажана за 1 октомври. Последните големи активности беа спроведени на Матка, Маврово и Охрид кои исто резултираа со голем успех. И оваа година, акцијата е поддржана од Civika mobilitas, проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка.

– Отпадот не е проблем туку можност. Секој ресурс е искористлив и треба да биде третиран како посебен. Нашиот извоз на отпад може да отвори голем број на работни места за млади луѓе. Се претпоставува дека правилното управување на отпадот во Европа може да отвори милион нови работни места за млади луѓе, бидејќи доколку тој се реупотребува, на 10 000 тони отвора нови 22 работни места, а со рециклирање отвара 7-8 работни места. Македонија има голем потенцијал со тоа што имаме и земјоделски, градинарски, комунален и друг вид на отпад и само ако сме паметни, можеме во вистинска и паметна насока да тргнеме со отпадот, вели Јосифовски.

Како за крај на излагањето, ги повикува сите заинтересирани граѓани од сите возрасти, кои  имаат желба за чиста и здрава средина,  слободно да се придружат на активностите на организацијата и со тоа да допринесат во „Македонија чиста за еден ден“. Нивните активноссти можете да ги следите на фејсбук-страницата: Let’s do it Macedonia – Ајде Македонија и на нивниот веб-сајт www.ajdemakedonija.mk

 

Пишува: Наташа Заовска