Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАРепублика„Ајде Македонија“: Ситуацијата со отпадот во Македонија е очајна

„Ајде Македонија“: Ситуацијата со отпадот во Македонија е очајна

Македонија се наоѓа во очајна состојба во справувањето со отпадот и со можностите кои постојат доколку поинаку се постапува со него, предупредуваат од Асоцијацијата за чиста животна средина „Ајде Македонија“, а по повод 22 Април – Денот на планетата Земја.

„Ситуацијата со управувањето со отпадот во Република Македонија се карактеризира пред сè како супстандардна и неефикасна, а системот е попречен од сериозни организациски и технички недостатоци. Тоа резултира со различни дисфункционални системи на национално и на општинско ниво и со негативни ефекти врз животната средина и здравјето на луѓето“, стои во соопштението на „Ајде Македонија“.

Оттаму велат дека околу 99 отсто од комуналниот отпад во Македонија се депонира, со што се пропушта можноста за зачувување на животната средина, отворање на нови работни места, поефтини суровини за индустријата и приходи за државата во облик на даноци.

„Затоа, ние бараме имплементирање на правилата кои веќе ги имаме утврдено во нашето законодавство, а тоа се стандардите наведени во Директивата за отпад. Тие се засновани на хиерархијата во управувањето со отпадот, односно да се работи на спречување на создавањето на отпадот, а доколку ова е невозможно, отпадот да се селектира, реупотреби, рециклира, компостира или да се добие биоенергија“, велат од Асоцијацијата.

Според „Ајде Македонија“, во земјава има 54 комунални депонии и стотици нелегални или „диви“ депонии, од кои 16 се со висок ризик по животната средина, потоа 16 со среден и 19 со низок ризик. Дополнително, во Македонија има 16 стари еколошки загадени индустриски локалитети кои претставуваат сериозен ризик за луѓето што живеат во нивна близина.

Од Асоцијацијата апелираат што побргу да се најде политичка волја за решавање на овој проблем.