Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПрва македонска амбасада во Латинска Америка – Боцевски прв амбасадор во Бразил

Прва македонска амбасада во Латинска Америка – Боцевски прв амбасадор во Бразил

Новоименуваните амбасадори на Македонија во Бразил, Ивица Боцевски, во Бугарија – Марјан Ѓорчев и во Турција – Звонко Муцунски, пред членовите на собраниската Комисија за надворешни работи ги презентираа тезите за нивното дипломатско дејствување.

Боцевски истакна дека отворањето на првата македонска амбасада во Бразил ќе биде и прва воопшто во Латинска Америка. Неговата работа ќе ја фокусира кон економската промоција на Македонија и кон привлекување странски директни инвестиции. Како пионер во дипломатската активност во Бразил во политичкиот дел посочува дека има значаен интерес кај нашите безбедносни институции за директни врски со бразилските институции, пред се’, во борбата против организираниот криминал и корупција, како и продлабочување на врските меѓу двете министерства за надворешни работи.

Амбасадорот Ѓорчев истакна дека наследеното минато, наследените противречности и сето она што не’ обременува во односите со Бугарија за него претставува голем мотив и дека со воспоставувањето дијалог може да се надминат историскиот, јазичен или идентитетски проблем. Тој оцени дека Македонија има подеми и падови во односите со Бугарија, а комуникациите меѓу двете земји одеа по нагорна линија по потпишувањето на декларацијата од 1999 година со успешната формулација, со која беше надминат проблемот со јазикот.

Унапредување на традиционално добрите пријателски и партнерски односи со Турција е на агендата на Муцунски, новиот македонски амбасадор во Анкара, кој е дипломат од кариера со над 20-годишно работно искуство, вклучувајќи и мисии во САД и Канада. Во делот на билатералните односи, тој нагласи дека ќе продолжи соработката на политичко ниво со посети на високо ниво, како и во регионалните и мултилатералните иницијативи, а особено во делот на активностите поврзани со стратешките приоритети на земјата – ЕУ и НАТО интеграцијата.

Во делот на економските односи потсети дека Турција е осми наш надворешнотрговски партнер и четврта земја инвеститор, при што годишната размена во 2015 се проценува на над 400 милиони долари. Тој најави организиран пристап заедно со тројцата промотори и почесни конзули за зголемување на економската промоција на земјата и на туристичките потенцијали.