Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПредлог-законот за пушењето вратен на Собранието

Предлог-законот за пушењето вратен на Собранието

Владата на денешната 32. седница ја именувала универзитетската професорка Ана Павловска-Данева за член на Групата на држави против корупција на Советот на Европа (ГРЕКО), како претставник од Република Македонија, соопшти владината прес-служба.

Во врска со измените на Законот за заштита од пушењето, со кој би било дозволено да се пуши и во надворешните тераси на рестораните и на кафулињата, предложени од пратеници во Собранието, Владата на седницата одлучила дека нема мислење по предлог-законот, со што тој се враќа во собраниска процедура.

На седницата, Владата ја усвоила информацијата за постапување по обраќањата и по препораките на Народниот правобранител и ги задолжила сите ресорни институции да ги применуваат и да постапат по барањата, укажувата и по препораките упатени до нив од канцелрацијата на Омбудсманот.

На предлог на Секретаријатот за европски прашања, Владата денеска ги задолжила министерствата надлежни за политиките и за борба против корупцијата да издвојат предмети кои се однесуваат на корупција, на перење пари и на организиран криминал и да ги достават до телата на Европската комисија, која врз основа на нив ќе ја почне постапката за евалуација на системот за справување со корупција и со организиран криминал на земјава.

Министрите донеле и одлука за почнување преговори за склучување протокол помеѓу македонската и косовската влада за соработка во борбата против трговијата со луѓе.

На денешната седница била разгледана и информацијата за склучен протокол помеѓу Царинската управа на Македонија и Федералната царинска служба на Руската Федерација, за размена на документи и на информации поврзани со царинска вредност на стоки и работен план за соработка помеѓу двете царински управи за спречување на царински прекршоци.