Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПосетата на Пенс е потврда за посветеноста на САД на регионот, вели Бејли

Посетата на Пенс е потврда за посветеноста на САД на регионот, вели Бејли

Посетата на потпретседателот на САД Мајк Пенс, кој на 2 август во Подгорица ќе учествува на состанок на Јадранската повелба, со кој ќе претседава Република Македонија, е потврда за посветеноста на Вашингтон на регионот, изјави американскиот амбасадор Џес Бејли.

– Посетата на потпретседателот Пенс е пред се со цел да зборува со партнерите и сојузниците од регионот за посветеноста на САД на овој регион. Мислам дека ќе слушнеме пораки на таа тема. Тоа е суштинската цел на посетата. Јадранската Повелба во која САД се дел преку Република Македонија и другите регионални членки е прекрасен форум на кој тој ќе може да зборува и да се запознае со лидери од регионот, рече Бејли на новинарско прашање по испраќањето на контингент на АРМ на меѓународната вежба „Сајбер Гардиан 2017“.

Американскиот дипломат оцени дека Јадранската Повелба функционира како важен форум кој работи на членството во НАТО на членките на Повелбата, но и како форум за регионална безбедност.

– Ова прашање пред се би го поставил до другите членки на Повелбата, но јасно е дека тоа е важна организација. Три од членките на Јадранската Повелба сега се членки на НАТО и се надевам дека и другите ќе одат во истата насока. Тоа не се случуваше секогаш со брзината која сите би сакале да ја видиме, но Повелбата останува не само како форум на кој се работи на членството во НАТО туку и форум за регионална безбедност. Има земји набљудувачки, земји членки и Повелбата е важен форум за регионална безбедност и соработка, рече Бејли.

Потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Мајк Пенс, на 2 август во Подгорица ќе учествува на средбата на високи претставници на земјите членки и на земјите набљудувачи на Јадранската повелба, чиј претседавач оваа година е Република Македонија.

Македонија, заедно со Албанија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина е членка на Јадранската повелба (Адриатик Чартер), а Србија, Косово и Словенија имаат статус на земји набљудувачи во групата.

Групата Јадранска повелба е формирана под покровителство на САД во 2003 година и има за цел да ги координира активностите за поддршка на земјите аспиранти за членство во НАТО.