Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПолицаец и „Хулиган“ на предавањето на ОБСЕ во Тетово

Полицаец и „Хулиган“ на предавањето на ОБСЕ во Тетово

Инцидент или медиумски пуч? Различни сценарија за заминувањето на еден полицаец од обуката на ОБСЕ во Тетово.

„Срам и бламажа за ОБСЕ, кои подмолно се обидоа на полициски службеници да подметнат како предавач лице кое неколкукратно е пријавувано за нарушувања на јавниот ред и мир. Полицајците демонстративно ја напуштиле обуката“.

Вакава вест објавија дел од медиумите за обуката организирана од страна на ОБСЕ во Тетово, на која еден од предавачите бил Павле Богоевски. Меѓутоа извор на 24 Вести од мисијата на ОБСЕ во Скопје, велат дека никој од присутните не го напуштил предавањето во знак на револт, но еден од учесниците јавно искажал забелешки за Богоевски.

– Потоа, работилницата продолжи согласно планираното и заврши во предвиденото време. Павле Богоевски, кој е поранешен асистент на Факултетот за безбедност во Скопје и поранешен ментор во Полициската академија, беше избран од страна на партнерот за имплементација на проектот, Хелсиншкиот комитет, за да одржи презентација во врска со мапирањето на случаите на кривични дела од омраза – велат од мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Извори од обукта за 24 Вести велат дека забелешките се однесувале на приведувањето на Богоевски за време на протестите на Шарената револуција.

„Едно од лицата го праша Богоевски за приведувањето и за учеството на протестите, по што се создаде перцепција дека лицето сака да го испровоцира и да поттикне поголема расправија. Лицето изгледаше како да беше испратено намерно за да предизвика одредена реакција, меѓутоа до тоа не дојде.“

Од друга страна пак, МВР реагираше на таканаречениот инцидент, изрази жалење за истиот и ја повика Мисијата на ОБСЕ да внимава кого ангажира.

„Министерството за внатрешни работи јавно апелира до Мисијата на ОБСЕ во Скопје во иднина да прави проверки кого ангажира, бидејќи е неприфатливо лица кои нанесуваат штети од стотици илјади евра, кои рушат споменици, ја напаѓаат и навредуваат полицијата во исто време да бидат и нејзини едукатори“, се наведува во писмената реакција на МВР.