Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАСветПодморницата на САД стигна во Јужна Кореја

Подморницата на САД стигна во Јужна Кореја

Растат тензиите на корејскиот полуостров. Американска воена подморница опремена со крстосувачки ракети денеска пристигна во водите на Јужна Кореја а наскоро треба да и се придружат и неколку носачи на авиони.

Американскиот претседател Доналд Трамп, кој се сретна со членови на советот за безбедност на Обединетите нации, уште еднаш повтори дека е потребно да се изврши посилен притисок врз Северна Кореја.

„Северна Кореја е голем проблем во светот, без разлика дали сакаме да зборуваме за тоа или не. Тоа е проблем кој мораме конечно да го решиме. Мораме да воведеме поголеми санкции против Северна Кореја.“ – изјави Доналд Трамп.

Високи државни претставници на САД, Јапонија и на Јужна Кореја најавија дека отсега заедно ќе ги координираат сите активности во однос на дипломатските, воените и економските мерки насочени против Пјонг Јанг.

„Постои опасност од провокација од страна на Северна Кореја. Ќе се координираме меѓусебно но однос на сите следни чекори. Го повикуваме Пјонг Јанг да покаже воздржаност.“ – изјави Кенџи Канасуги, претставник на министерството за надворешни работи на Јапонија

А владата на Северна Кореја денеска испрати нова порака до своите противници.

„Нашите револуционерни сили ќе го уништат американскиот империјализам а нашиот нуклеарен асортиман ќе го зададе последниот удар.“ – изјави владата на Северна Кореја.

Поради зголемување на тензиите Кина денеска одлучи да испрати дополнителни 100 000 војници на границата со Северна Кореја.