Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПалмер: САД очекуваат Македонија да стане 30 членка на НАТО

Палмер: САД очекуваат Македонија да стане 30 членка на НАТО

Црна Гора годинава стана 29-та членка на НАТО, но ќе имаме убава симетрија доколку можеме да ѝ посакаме добредојде на Македонија како 30. држава членка на Алијансата во Подгорица следната година, изјави Метју Палмер, директор на Канцеларијата за Јужна и Централна Европа во американскиот Стејт Департмент, по состанокот на Партнерската комисија на САД – Јадранската повелба, што се одржа во македонското МНР.

„Потенцијалното решавање на прашањето за името, исто така ќе претставува поттик за регионалната стабилност и го поздравуваме обновувањето на разговорите меѓу Македонија и Грција“, рече Палмер.

Тој ѝ честита на Македонија за одличното претседавање со Повелбата, истакнувајќи дека на Самитот во Подгорица беше испратена порака за американската поддршка на интегративните напори на регионот, која, како што најави, и натаму ќе продолжи.

„Целта да се заокружи интеграцијата во НАТО не значи само да се прослави членството на државата која претседава, туку и за која било друга држава која ги исполнува условите“, истакна Палмер.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, рече дека еден од последните делови што недостасуваше беше членството во НАТО на Црна Гора, што се случи во текот на македонското претседавање со Јадаранската повелба.

„Ова е значаен чекор за стабилноста на Балканот, ние сме благодарни за обновениот интерес и во Вашингтон и во престолнините на европските држави и сметаме дека 2018 е година на нови можности“, изјави Димитров.

Според него, Македонија е подготвена да ги искористи и тие нови можности и изрази надеж дека Македонија ќе биде следниот дел што ќе се вклопи во целосната слика.

Црногорскиот министер за надворешни работи Срѓан Дармановиќ посочи дека на денешниот состанок се продолжени разговорите за стабилноста и безбедноста во регионот.

„Нема целосна и безбедна Европа без Балканот. Земјите од регионот повторно ја изразија својата заложба да придонесуваат кон регионалните и глобалните прашања, давајќи придонес кон иницијативите на НАТО, и да бидат дел од решенијата за проблемите во Европа и во светот“, рече Дармановиќ.

Според него, реформите немаат алтернатива и се гаранција за стабилноста, што било случај и со Црна Гора, која неодамна стана 29-та членка на Алијансата.

„Охрабрени сме од политичката волја и потребните чекори кои македонската Влада ги презема за да ги оствари своите аспирации за членство во НАТО и ние како земја членка на НАТО сме подготвени да дадеме целосна поддршка на Македонија“, додаде Дармановиќ.

Со овој министерски состанок се заокружува македонското претседавање со САД – Јадранската повелба и истото беше предадено на Црна Гора како претседавач со Повелбата за 2018 година.