Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПо Гевгелија и Валандово бара референдум за рудникот Казандол

По Гевгелија и Валандово бара референдум за рудникот Казандол

Од иницијативата „Спас за Валандово“ вчера поднеле писмено барање до градоначалникот и до Советот на Општина Валандово за одржување референдум, пишува „Фактор“.

„Според информациите од медиумите, закажана е седница на која јавноста и иницијативата „Спас за Валандово“ се исклучени од седницата, а инвеститорот ќе биде присутен. Исто така, нашето барање за референдум воопшто не е поставено на дневен ред на седницата закажана за четврток“ – стои во известувањето на фејсбук-страницата.

Завчера активисти ги посетиле советниците на Општина Валандово за да ги презентираат досегашните активности и да ги образложат барањата. Членовите на оваа иницијатива велат дека и покрај тоа што постапката за давање концесија за експлоатација на минералните суровини од Казандол е завршена и дозвола е веќе дадена на инвеститор, треба да се слушнат граѓаните и да се смени одлуката.

Тие велат дека ова прашање ги засега сите.

„Ве повикуваме сите, без разлика на верска, национална, политичка или било каква друга определба, сите оние кои сметате дека Валандово не е рударски град, дека Валандово треба да остане земјоделски регион, регион без тешка и загадувачка индустрија, место каде што сакаме да живееме и во иднина, со нашите и вашите деца и внуци“- стои во повикот за првиот собир кој денеска од 18 часот е најавен во градскиот парк „Пеонија“ во Валандово.

Се надеваат дека луѓето на референдум ќе се изјаснат за ова прашање.