Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПо Чочоровски и Фадил Арслани од „Чекан“ пуштен од затвор поради лекување

По Чочоровски и Фадил Арслани од „Чекан“ пуштен од затвор поради лекување

Фадил Арслани, осуден на 11 ипол години затвор во случајот „Чекан“ вчера бил пуштен од затвор поради лекување. Од Затворската управа за „Алсат-М“ ја потврдиле информацијата дека за Арслани е прекинато издржувањето на казната поради неговата здравствена состојба.

По добивањето на потребниот третман, што, според информациите на управата, ќе потрање околу 20 дена, Арслани ќе биде повторно вратен во затвор.

Кривичниот суд во Скопје во јули минатата година на седуммина од обвинетите во случајот „Чекан“ им одреди вкупна затворска казна од 53 години и 6 месеци. Првообвинет во случајот беше Фадил Арслани, кој заедно со уште едно лице добија највисоки казни од по 11 ипол години затвор.

Полициската акција „Чекан“ беше спроведена во декември 2015 година, во Гостиварско, а обвинетите се товареа за кривичните дела лихварство и изнуда. Во случајот беа гонети 21 лице, од кои со тројца Обвинителството постигна спогодба за признавање на вина во текот на истрагата, а со едно лице беше постигната спогодба во фаза на оценка на обвинителниот акт.

Инаку, вчера по по десет години зад решетки, од затворот „Идризово“, исто така поради лекување беше пуштена и Станислава Чочороска.

Во 2007 година таа беше осудена на 14 ипол години затвор поради организирање транспорт на 486 килограми кокаин, скриени во канти со поликолор.