Friday, May 3, 2024
HomeИздвојувамеПетко Костовски: Театарските дејци кои стануваат директори и менаџери не треба да го заборават мирисот на штиците што живот значат!

Петко Костовски: Театарските дејци кои стануваат директори и менаџери не треба да го заборават мирисот на штиците што живот значат!

 

Ве носам во театар ,,Чекори”, за да зачекориме заедно во алтернативната драмска уметност. Бев и видов, дека тоа е театар кој не ви се наметнува туку ви дава можност да го изберете. Тие се група актери, вљубеници во нејзиното величество сцената. Не сакаат да создадат популарност по секоја цена. Имаат стил, уникатен пристап и љубов кон тоа што го работат. Во просториите на театарот ,,Чекори” зачекорив со актерот Петко Костовски. Избрав да влезам во ,,Театарот на апсурдот.”.

ТЕАТАР ЧЕКОРИ

П: Што значи за Вас ,,Театар на апсурдот” Воведете ме во Вашиот свет…

Петко Костовски: Не можам да Ви кажам што за мене значи ,,Театар на апсурдот” но можам да Ви опишам што ме привлекува во него. Ме привлекува  пристапот кој се бори против лажноста и ја разголува илузорната реалност .. ,,Театарот на апсурдот” е прилично суров театар и сиров истовремено. Покажува една агонија на човековото живеење. Покажува една парадоксална поставеност на нештата. Се бори да го промени непроменливото.  Театарот на апсурдот низ делата на Бекет и Јонеско го гледаме тоа, каде што луѓето се наоѓаат во апсурдни ситуации. Тие текстови не нудат ништо, не се стремат да задоволат ниту еден актер, ниту еден режисер. Непосредни се и директни. Ја покажуваат онаа друга страна на индивидуалното и колективното живеење која се избегнува да биде коментирана.

ЧЕКОРИ 2

П: Како е да се твори и живее на ,,штиците што живот значат”, апсурдно ли е?! Трновито ли е?! Или можеби актерскиот нарав Ви помага да го направите тоа актерско живеење розово?

Петко Костовски: Ако сте искрени пред себе си и пред сцената трновито е, тешко и апсурдно. Ако ве води мислата – да покажеме дека е розово, тогаш ќе ви биде розово, бидејќи кај нас се така поставени работите. Денес во театарот има актери кои имаат розови очила. За некои е уште поколоритно од розово. Зависи кој пат сакате да го одберете и што Ве води.

П: Кога глумат актерите? На сцената или во животот?

Петко Костовски: Постојано.  Актерите играат постојано

П:Вие овде сега играте?

Петко Костовски: Да, но не само јас. Сите актерии играат постојано. На оваа тема зборувале многу театарски ликови. Животот е игра, театарот игра. Театарот е означено место за тоа. Работата на актерот е таа игра да ја проучува, да ја чувствува да ја доживува и потоа да го споделува со другите. Сите ние луѓето постојано се играме себе си, само некои од нив не го признаваат тоа.

П: Постои ли улога која Ве промени, улога за која можете да кажете: ,,Кога ја одиграв ме изманипулира, ме допре, ме направи поинаков”?

Петко Костовски: Да, постои!  Со улогата  ,,Дебелиот господин” во претставата ,,Сликата”   го надградив својот уметнички критериум, ги скршив стереотипите кои ми создавале лажна илузија за уметноста. Комплетно ,,се изгубив “ во  процесот. Среќен сум што имам улога која комплетно ме обзеде. Улога која прво направи да не знам кој сум, што сум. Се случи 2009 година Тоа е крајот на оној период кога бев почетник. Тоа беше моја прва главна улога. Ми се случи душевен карантин. Претстава која коренито ме смени и ме зароби засекогаш.

П:Има ли во Македонија исрена театарска публика, има ли вистински почитувачи на театарската уметност кои не доаѓаат на претстави само за да бидат видени?

Петко Костовски: Има искрена публика но нема театарска култура. Нивото на театарската култура  не е соодветен на талентот што го поседуваме. Имаме системски проблеми. Она што го вели Горан Стефановски: Тоа што е во светот систем кај нас е инцидент, она што е во светот инцидент кај нас е правило. Целото општество кај нас пати од површност, стихијност и инцидентност во нештата. Посебно во едно такво сензитивно подрачје каде што е културата. Театарот не е присутен во нашиот живот. Со самото тоа и публиката не е дел од севкупниот театарски процес. Важно е да има публика која знае што е театар, тогаш актерите би можеле и да бидат посрамотени, да треперат пред неа.Потребна е публика со која актерите нема да се соочуваат со ласери, дофрлувања и мобилни телефони.

ЧЕКОРИ ГЕСТ

П: Сметата ли дека на нашиве простори може да се достигне тоа потребно ниво на театарска култура?

Петко Костовски:Дел од вината е кај самите уметници, ние сами треба да се избориме. Пример, во соседна Бугарија театарската култура е на неспоредливо високо ниво. Ние не заостануваме во талентот, заостануваме е во пристапот и во поимањето на театарот. Треба максимална посветеност на театарските дејци, кога истите стануваат директори, менаџери и кога почнуваат да работат по канцеларии не треба да заборават од каде дошле. Да не го заборават мирисот на пудрата и даските. Имаме публика што цени, а колкав е процентот е знак прашање.

Вака завршивме, јас ги добив сите одговори, станав богата, слушнав еден софистициран, уметнички речник кој носи своја искрена и можеби апсурдна нота. Почувствував дека за ништо не бев излажана, театарот и разговорот ми создадоа некоја желба за белетристика. Заклучоците ви ги оставам вам читателите. Вие сте судот за сите мои прашања, и за сите одговори на мојот соговорник. Вие сте оценувачи на сите емотивни портрети, интервјуа и театарски претстави.

Подготви: Ирена Мрческа