Tuesday, Mar 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОсмани: Локалните избори прв тест за Владата пред ЕУ

Османи: Локалните избори прв тест за Владата пред ЕУ

Македонија се соочи со сериозна политичка криза, а претстојните локални избори се првиот тест за новата Влада на патот на евроинтеграциите, изјави вицепремиерот задолжен за економски прашања, Бујар Османи во интервју за „Винер Цајтунг“ дадено за време на учеството на Конференцијата на европски региони и градови на Институтот на регионите на Европа (ИРЕ) во Салцбург, јавува МИА.

– Нарушена беше довербата во институциите, нашиот углед во меѓународната заедница беше разурнат. Се оддалечивме од нашиот пат кон ЕУ и НАТО. Оттука за новата Влада, беше најважно, пред се да се обезбеди непречено преземање на власта. Сега најголемиот приоритет е земјата да се врати повторно на нејзиниот пат кон евроинтеграцијата, вели Османи. Тој напомена дека кризата обелоденила одредени системски грешки, кои треба да бидат отстранети.

– Развивме план, кој го нарековме 3-6-9. Во првите три месеци сакавме да ги подготвиме локалните избори. Тие треба да протечат како слободни, фер и кредибилни. Тоа е првиот тест за Владата. Верувам дека нејзиниот однос може да се прикаже и на самите изборни денови: овде може да се види како една влада ги третира медиумите, избирачите, институциите, рече Османи. Тој дополни дека етапите шест и девет се посветени на реформи во повеќе области – зајакнување на владеењето на правото, безбедноста, јавната администрација. На прашањето во кој дел се вклучени ЕУ амбициите, Османи рече дека тие се содржани во првите шест месеци од владеењето.

– На самитот на ЕУ кон крајот на годината очекуваме неусловена препорака за почеток на преговорите за членство. Последната препорака, всушност, беше условена: спроведување на кредибилни избори и започнување на неопходните реформи. Реформската етапа девет, од друга страна, ќе трае до април наредната година, кога Европската комисија го објавува следниот извештај за Македонија, кој се надеваме дека ќе биде позитивен и ќе резултира со добивање датум за почеток на препристапните преговори, додаде Османи. На прашањето што ќе се случи доколку планот е спречен со нови избори, поврзано со шпекулации за тоа дека, доколку поранешната владејачка партија покаже успех идната недела, таа ќе се стреми кон предвремени избори, Османи истакна дека тоа не би било добро за земјата.

– За Македонија е важно враќањето на патот кон ЕУ и континуитет. Мораме да се држиме до нашиот реформски процес и да ги отстраниме политичките препреки, истакна македонскиот вицепремиер. Во врска со спорот со Грција за името и препреката, која тој ја претставува за влез во ЕУ и НАТО Османи посочи дека 2018 нуди златна шанса за решавање на спорот со името.

– Очекуваме дека по локалните избори медијаторот од ОН ќе презентира конкретни предлози. Тогаш треба да се состанеме и да го решиме проблемот. Ова е одлучувачко за идно членство на Македонија во НАТО и ЕУ, истакна Османи.

Лекцијата, која според Османи, земјата ја научила од кризата е дека ако се оддалечи од интеграцискиот пат, тоа станува проблем за целиот регион.

– Затоа постојано мораме да бидеме во движење, насочени кон ЕУ. Ова создава позитивна динамика. Сега владее подобра атмосфера помеѓу Грција и Македонија. Има чести средби меѓу министрите за надворешни работи и другите членови на Владата. Се обидуваме да изградиме доверба, да не бидеме само добри соседи, туку и пријатели. Постои еден рационален главен проблем, обвиткан со многу слоеви на емоција. Овие слоеви сакаме, еден по друг, да ги отстраниме, истакна Османи.. На прашањето дали и Атина има позитивен пристап кон сето ова османи нагласи дека досега има позитивни сигнали од Грција и дека и таму постои волја да се најде заедничко решение.

– На граѓаните од двете земји би им било од корист доколку перспективата кон ЕУ на една држава и на еден регион престане да биде блокирана, додаде тој. И покрај тоа што спорот трае со години Османи смета дека во Македонија нема разочарување кон ЕУ. – Според актуелните анкети, 72 до 75 проценти од Македонците имаат позитивно мислење за ЕУ. Иако претходно позитивното мислење достигнуваше до повеќе од 80 проценти, сепак процентот е се уште висок. Луѓето не гледаат алтернатива како за ЕУ така и за НАТО, а и ниедна партија не го нуди тоа. Но точно е: тапкаме во место. Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005. Во тоа време Црна Гора воопшто и не постоеше како самостојна држава. Во меѓувреме таа започна преговори за членство, а ние се уште немаме ниту датум за тоа. Ова предизвикува фрустрации, но народот е свесен дека Македонија мора да биде подготвена за прием во НАТО и ЕУ, истакна македонскиот вицепремиер задолжен за европски прашања. Османи додаде дека недостигот на одредени перспективи во врска со ЕУ може да отвори шанси за други страни да ги прошират своите сфери на влијание.

– Затоа е многу важно, ЕУ перспективата да се врати повторно во фокусот, да се покаже присуството на Унијата. Таа става на располагање 640 милиони евра до 2020 за проекти во областа на заштитата на животната средина, едукација, администрација. Секогаш велам сешто беше добро за оваа земја, се случи со поддршка на ЕУ и САД. Нема алтернатива за нас. За нас сонцето изгрева на запад, порача Османи во интервјуто за „Винер Цајтуунг“./