Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОпштина Аеродром ќе го зголеми буџетот за животна средина за 20 пати

Општина Аеродром ќе го зголеми буџетот за животна средина за 20 пати

Со новиот буџет, Општина Аеродром ќе издвои околу 300.000 евра за реализација на конкретни мерки за почист воздух, односно 20 пати повеќе од досегашните средства на годишно ниво за заштита на животната средина, информираше градоначалникот Златко Марин, на средба со претставниците на граѓански организации.

„Дел од претставниците на граѓанските здруженија, кои присуствуваа на средбата, предложија неколку мерки што би дале резултати на краток рок во соработка со Градот Скопје, Министерството за животна средина и со другите надлежни институции, меѓу кои се инсталирање филтри на оџаците на индивидуалните куќи, искористување на сончевата енергија, подобрување на условите за користење јавен превоз, користење нова генерација катализатори за моторни возила, кои ја намалуваат емисијата на штетни материи, зголемување на ефикасноста на инспекциските служби, како и зголемување на јавната свест“, велат од Општина Аеродром.

Од Општината нагласуваат дека ќе ги земат предвид сите предложени мерки од граѓанските организации и ќе подготват конкретен краткорочен план, кој ќе биде достапен на јавноста, а во меѓувреме ќе работат на трајно решавање на загадувањето.