Wednesday, May 1, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОМД: Само народот ќе одлучува за иднината на Македонија

ОМД: Само народот ќе одлучува за иднината на Македонија

Народот е тој кој ќе одлучува за иднината на Република Македонија, а не ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ или ДУИ, или пак меѓународниот или регионалниот фактор, соопшти во втроник Обединетата македонска дијаспора.

Според ОМД, решавањето на кризата во државата треба да се прави единствено преку институциите на системот на Република Македонија и со целосно почитување на Уставот, а не, како што соопштува, преку бојкотирање на македонските институции, коешто е добро позната практика изминатите 25 години. Само преку транспарентна дебата во Собранието, посочува ОМД, ќе се овозможи постигнување компромис и ќе обезбеди решавања на сите прашања од позиција на граѓанските интереси, без нарушување на националните интереси на нашата татковина.

ОМД се осврнува на граѓанската иницијатива „Илинден 4“ во која веќе 22 дена учествуваат граѓани на Македонија низ 33 градови, а според која, како што соопштуваат, достоинствено се разбуди народот во духот на Крушевскиот манифест да каже не за нарушувањето на суверинитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија.

„Кон оваа иницијатива, како што изјавуваат медиумите, се приклучуваат и актери, пејачи, писатели, естрадни уметници, спортисти, разно разни здруженија од различни области кои оперираат во Македонија. Поддршка секојдневно надоаѓа и од повеќе држави во светот каде живее Македонско население. Следејќи го внимателно развојот на оваа иницијатива, ОМД предупредува на будност, наспроти обид за злоупотреба на правото на мирен протест и изразување на граѓанската волја од страна на која било политичка партија, а со цел остварување на своите лични и теснопартиски цели и интереси, пред националните. Народот не смее да дозволи да потпадне под политичка манипулација и притисок“, соопштува ОМД.

Истакнува дека ги отфрла и осудува нападите врз суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, кои, наведуваат, биле загрозени со мешањето на албанскиот премиер Еди Рама во внатрешните работи на Македонија, со самото објавување на тиранската платформа на Божиќ.

„Тиранската платформа ја претвори политичката криза во етничка криза, којашто ја згрозува и социоекономската стабилност на државата, но и на регионот“, смета ОМД.

Посочува дека темелите на државата се веќе изградени и поставени, па затоа, како што истакнува, дебата за менување на името, знамето, химната и грбот не смее веќе да се отвора, а ОМД и народот нема да дозволат политичките партии и натаму да си играат со иднината на Македонија.

„ОМД ги повикува сите граѓани на заемно разбирање и градење на македонското општество во духот на Крушевскиот манифест и на темелните вредности зацртани во член 8 на Уставот на Република Македонија. Доста беше, време е конечно да се реагира соодветно! ОМД стои силно зад суверенитетот и територијалниот интегритет на нашата татковина и ќе продолжиме да лобираме преку нашата мрежа во светот за поддршка на Република Македонија и на македонскиот народ“, се вели во соопштението од ОМД.