Saturday, May 4, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаОдбележан Денот на воздухопловната бригада на АРМ

Одбележан Денот на воздухопловната бригада на АРМ

Во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец крај Скопје во петокот се одржа свеченост по повод Денот на воздухопловната бригада (вбр), на којашто покрај началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, присуствуваа генерали на АРМ, државниот секретар во Министерството за одбрана, високи претставници од министерството и Генералштабот, поранешни команданти на бригадата претставници од локалната самоуправа и други високи гости.

Командантот на вбр, полковник Роберт Малезански, кој од неодамна стапи на должноста, во своето обраќање истакна дека обновувањето и квалитетното одржување на техниката, во оваа единица е од витално значење и за извршување на мисијата и за обука на персоналот.

„Сиве овие напори на крајот треба да се фокусираат во една единствена цел, а тоа е одржување на постојано висока борбена готовност на единицата, како предуслов за успешно извршување на мисијата“, рече Малезански упатувајќи честитка до припадниците на воздухопловната бригада.

Притоа истакна дека десетти јуни денот кога треба да им се заблагодариме на пензионираните припадници на воздухопловната бригада за трудот кој го вградија во развојот на единицата.

На свеченоста, по повод денот на единицата, беа прочитани наредби за унапредување во непосредно повисок чин за офицери и подофицери, како и стимулативни мерки за припадниците на вбр, додека сквадронот за воздухопловно техничко одржување беше прогласен за најдобра единица од составот на вбр.

Во рамки на програмата за одбележување на 10-ти Јуни, ден на воздухопловната бригада (вбр) од составот на здружената оперативна команда, на спортските терени во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец се одржаа спортски натпревари помеѓу единиците од составот на вбр. Севкупен победник на игрите беше баталјонот за воздушно набљудување и јавување, за што им беше доделена диплома и пехар на свеченоста.

Постоењето на вбр се темели врз одлуката на Претседателот на Република Македонија од 10 април 1992 година, со која е формирана командата на противвоздушната одбрана и военото воздухопловство (ПВО и ВВ) на АРМ во чиј состав влезе авијациска бригада со авијациски, транспортен и борбен хеликоптерски сквадрон.

Во 2005 година со програмата за реконструкција на АРМ, воздухопловната бригада се трансформираше во помала покомпактна единица наречена воздухопловен ВИНГ( Воздухопловна извидувачка напаѓачка група) која фигурира до 2012 година кога повторно се формира воздухопловна бригада во составот на Здружено оперативната команда.