Wednesday, May 8, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаОбуки за невработените лица со оштетен вид и слух

Обуки за невработените лица со оштетен вид и слух

Агенцијата за вработување заедно со Министерството за труд и социјална политика организира обуки за невработени лица со оштетен слух и вид за профили кои се дефицитарни на пазарот на труд, а со кои ќе бидат опфатени 100 лица.

Раководителот на Центар за вработување на Град Скопје, Слободанка Алексовска, рече дека обуките се организираат со цел овие невработени лица полесно да се вклучат на пазарот на труд, како и да стекнат одредени знаења и вештини кои подоцна ќе им користат да се вработат или да отворат сопствен бизнис.

– Обуките се спроведуваат во период од четири месеци и се поделени на теоретски и практичен дел. Лицата за време на обуките добиваат по 8.000 денари како надоместок во кој е вклучено и осигурување при повреда на работно место, рече Алексовска.

Обуките се веќе започнати и тоа обуки за водоинсталатери за лица со оштетен слух и обуки за масери за лица со оштетен вид, а откако ќе ги завршат лицата ќе можат да бидат дополнително поддржани со неповратна финансиска помош преку програмата за отворање на сопствен бизнис наменета за лица со одреден инвалидитет.