Friday, Mar 29, 2024
HomeUncategorizedОбјавен огласот за нов јавен обвинител

Објавен огласот за нов јавен обвинител

Собранието на Република Македонија денеска го објави огласот за именување нов државен јавен обвинител, по разрешувањето на Марко Зврлевски од оваа функција, пишува „Мета“.

Со ова и официјално почнува да тече рокот од 15 дена за пријавување на заинтересираните кандидати за оваа функција.

„Заинтересираните кандидати кои ги исполнуваат условите предвидени со членот 44, ставови 1 и 2 од Законот за јавно обвинителство (да е државјанин на Република Македонија, активно да го владее македонскиот јазик, да е работоспособен и да има општа здравствена способност, да има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник во Република Македонија или нострифицирана диплома од странство, да има положено правосуден испит во Република Македонија и да има работно искуство од најмалку осум години со потврдени резултати на правни работи по положениот правосуден испит, или редовен или вонреден универзитетски професор кој предавал повеќе од десет години правен предмет од правосудната практика), пријавите со потребните документи треба да ги поднесат до Собранието на Република Македонија, во рок од 15 дена од денот на обајвувањето на одлуката во ’Службен весник’“, пишува во огласот, потпишан од претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Рокот за пријавување на заинтересираните кандидати е 15 дена, пишува во огласот потпишан од претседателот на Собранието, Талат Џафери

Инаку, Собранието го изгласа распишувањето на огласот за именување нов државен јавен обвинител пред точно една недела.

Според Законот, по пријавувањето на кандидатите, Владата мора да поднесе барање за мислење до Советот на јавни обвинители, кое има обврзувачка улога.

Советот има рок од 15 дена од денот на приемот на барањето од Владата да даде позитивно или негативно мислење за сите пријавени кандидати. По тоа, до Собранието доставува предлог за именување јавен обвинител со кандидатите за кои Советот дал позитивно мислење.

Доколку Советот на јавни обвинители од оправдани причини во рок од 15 дена не достави мислење, добива дополнителен рок од 15 дена, а ако и во овој рок Советот не достави мислење, се смета дека мислењето е позитивно.

Во случај Советот да не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, Владата не може да достави предлог за именување јавен обвинител и може да му предложи на Собранието да го повтори огласот.

За именувањето, како и за разрешување државен јавен обвинител, Собранието одлучува со просто мнозинство, односно со 61 глас.

Засега во јавноста своите кандидатури ги најавија адвокатите Александар Тортевски, Звонко Давидовиќ, Александар Наков, Сејфула Османи и нотарката Лорија Ваневска.