Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаНимиц ја почна четиридневната посета посветена на спорот за името

Нимиц ја почна четиридневната посета посветена на спорот за името

Специјалниот пратеник на Обединетите нации во разговорите меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, од денеска до 4 јули ќе претстојува во Скопје на разговори со државниот врв околу можностите за решавање на спорот за името.

Нимиц, како што соопшти канцеларијата на портпаролот на генералниот секретар на ОН, доаѓа во Скопје на покана на македонската Влада, за да се дискутира за начините за постигнување напредок во разговорите со посредство на ОН за наоѓање заедничко прифатливо решение за прашањето за името.

Во соопштението се додава дека на покана на Владата на Република Грција, предвидено е Нимиц да замине за Атина, веднаш по посетата на Скопје.

Посредникот Нимиц, во интервју за грчкиот весник „Реал њуз“ кон крајот на мај оваа година, изјави дека решавањето на спорот за името треба да биде високо на агендата на новата македонска влада и потенцира дека решавањето на овој проблем може да помогне да се решат и други проблеми во регионот.

– Мандатот кој го имам за решавање на спорот за името е клучот кој ќе ја отвори вратата за да се решат и други спорни проблеми во регионот. Спорот може да се реши ако и двете земји и нивните лидери добијат поддршка од нивните народи, ако разгледаат нешто што е логично, што ќе го задржува достоинството на двете земји, идентитетот на двете земји, историската смисла на двете земји. Мислам дека постојат решенија – рече Нимиц.

Специјалниот претставник на ОН во разговорите меѓу Македонија и Грција последен пат ги посети двете земји кон крајот на јули 2014 година.