Sunday, Apr 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаНФАПВ: Агенциите за работа во странство не смеат ништо да наплаќаат

НФАПВ: Агенциите за работа во странство не смеат ништо да наплаќаат

Во врска со последните случувања со одредени агенции за посредување при вработување за кои постојат информации за измама на кандидати за вработување во странство,од Националната федерација на Агенции за вработување (НФАПВ) апелираат да бидат претпазливи кога носат одлука за заминување на работа во странство.

„Имено, според член 22, став 1 точка 4 од Законот за работни односи, и според Меѓународната Конвенција 181 за Приватните агенции за вработување, што Република Македонија ја има ратификувано, агенциите не смеат да наплаќаат никакви трошоци од кандидатите за вработување. Сите трошоци за вработување на лицата треба да се наплатат од компанијата/клиентот кадешто ќе се вработат лицата.
Според тоа, апелираме до сите заинтересирани кандидати, да не прифаќаат плаќање на било какви провизии и трошоци, пред или по заминување на работа во странство“. се вели во апелот.

Националната Федерација на Агенции за вработување (НФАПВ) се залага за заштита на правата на работниците на прв план и ќе продолжи во таа насока да соработува и со надлежните инситуции да се подобри законската регулатива и истата да се почитува од сите лиценцирани агенции.

НФАПВ е тело кое има за цел да ги претставува агенциите, да лобира за подобрување на законската основа, да соработува со домашните и меѓународните институции, како и да јакне капацитетите на своите членови за развивање на пазарот на вработување.

Неодамна стотина студенти се пожалија дека се измамени од агенцијата „Венера Кемаловски“ со седиште во Битола, и канцеларии во Скопје, Струмица и Штип. Тие тврдеа дека место работа во Германија, останале со празни џебови.