Friday, May 3, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаНеделкова и Орав се сретнаа за реформите во судството

Неделкова и Орав се сретнаа за реформите во судството

Лидија Неделкова, претседателката на Врховниот суд, се сретна со евромабасадорот Аиво Орав, при што разговараа за реформите и напредокот во судството, вклучувајќи ја и европската поддршка преку повеќе проекти за Република Македонија.

„За време на средбата, се разговараше за реформите на судскиот систем, за донесените закони и за нивната имплементација, како и за ИПА-проектите за судството. Претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, Лидија Неделкова, изрази благодарност за досегашната соработка, поддршка и помош преку повеќе проекти на Европската Унија во Република Македонија и потенцираше дека е неопходно да продолжи досегашната поддршка за судските реформи со цел обезбедување и подобрување на ефикасноста и независноста на судството“, се наведува во соопштението на Врховниот суд.

Пред две недели, претседателот на Врховниот суд имаше средба и со американскиот амбасадор во земјава, Џес Бејли, со кого исто така било разговарано за досегашниот резултат од реформите на судскиот систем. Неделкова, како што се наведува во соопштението на Врховниот суд, изразила благодарност за вложувањето на САД во проекти во правосудството, но ја истакнала и потребата за продолжување на реформирањето на судството.

„Претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, Лидија Неделкова, и амбасадорот на Соединетите Американски Држави, Џес Бејли, ја констатираа потребата од продолжување на реформата, но со давање приоритет во однос на измената на одредени законски решенија со цел обезбедување и подобрување на ефикасноста и независноста на судството“, соопштија од Врховен.