Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаНВО немаат официјална информација дека истрагите против нив се затворени

НВО немаат официјална информација дека истрагите против нив се затворени

Граѓанските организации што беа предмет на истраги на МВР по налог на ОЈО, сè уште немаат добиено официјална информација дека истрагите се завршени и не е пронајден криминал, вели Фани Каранфилова-Пановска, извршната директорка на Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија, на денешната конференција „Е-општество“ во организација на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

– Многу ми е драго што слушнавме изјава од министерот за внатрешни работи дека истрагите што ги спроведуваше МВР по налог на ОЈО кон граѓанските организации се затворени и не се најдени никакви криминални дејства. Таа вест е одлична, но сакам да кажам дека ние, повеќе од 22 организации што бевме предмет на сериозен институционален притисок од декември 2016 до мај, односно јуни 2017 година, сè уште немаме никаков официјален одговор од ОЈО од каде што беше поведена оваа истрага и под чиј налог и МВР и Финансиската полиција и Агенцијата за финансиско разузнавање беа присутни во нашите канцеларии. Немаме никаква официјална информација дека предистражната постапка е запрена затоа што не се најдени прекршувања на законите, а официјална информација за постапките немаме ниту од Управата за јавни приходи – вели Каранфилова-Пановска.

Според неа, медиумските реформи треба да се направат професионално и нагласи дека дебата мора да има и дека треба навремено да се истакнуваат сите недостатоци.

Таа на конференцијата „Е-општество“ истакна дека и не постои никаква гаранција дека сè уште не се прислушува нелегално.

– Можеби и не се прислушува, но јас не добивам таков впечаток ниту од пишаните документи ниту од тоа како течат процесите. Со самиот факт што МВР допрва поведува инцијатива за нов закон за оперативно-техничка агенција што треба да го извади делот за прислушување од УБК, покажува дека таму поставеноста до пристапот до информации не е променета – додаде Каранфилова-Пановска.