Saturday, Apr 20, 2024
HomeРЕФЛЕКТОРИзложбиМантра на љубовта – Нова изложба на Маја Андонова Јокиќ

Мантра на љубовта – Нова изложба на Маја Андонова Јокиќ

mantra na ljubovta

На 22 мај ќе биде отворена изложбата „Мантра на љубовта“ на македонската уметница Маја Андонова Јокиќ. Изложбата ќе биде поставена во Младински културен центар Скопје – МКЦ до 9 јуни.

Овие педесетина дела се создадени во период од 2020 до 2023. Како ќе го обоиме сегашниот момент – изборот е на секој од нас.

Маја е трагач по одговори за човековата душа, вљубеник во јогата, изгрејсонцата, облаците и зајдисонцата. Нејзините слики ги отсликуваат моментите и доживувањата кои  нè  будат,  нè  прават ранливи, а во исто време и многу силни и тие емоции ги изразува со свој специфичен сопствен израз.

Животот ни доделува најразлични предизвици, како ќе се носиме со нив од нас зависи

Понекогаш надворешните ограничувања, ги будат најголемите тајни, ги отвараат вратите  и ги поместуваат границите на нашите лични ослободувања. Во овие слики се прикажани моите лични спиритуални искуства, далечни внатрешни патувања и задоволството и радоста од доживувањата на љубовта.

„За утрата кога се будам во нивната пурпурна боја,  за утрата кога сум своја, утрата кои на спокој и љубов мирисаат, за моментите кои радост будат, за моментите  во животот кога танцуваме во себе и со себе, за моментите кога љубиме, за моментите кога се преобразуваме“, вели Маја Андонова Јокиќ.

„Во пространството на животот сонувам во бои, дишам во ритам и откривам длабочини нови, во магијата на ноќта љубовта се раѓа, лесно и тивко заминува старото, доаѓа новото, убаво е, тука е, во мене чувството живее“, дополнува таа.

Мантра на љубовта

Љубов, нашата постојана инспирација и двигател по патот наречен живот. Со сите подеми и падови што животот ни ги нуди, често нашиот спокој го наоѓаме во плодовите на љубовте. A љубовта, таа толку слатка појава, ги обзема нашите сетила и нè понесува како тивок ветер низ бурните мориња. Поетот и уметникот Етел Аднан напиша дека љубовта „не треба да се опишува, таа треба да се живее“.

„Нашата драга Маја токму тоа  го споделува со нас преку своите дела. Нејзиниот немирен дух го наоѓа бегството од оковите на современото секојдневие во љубовта кон животот, насмевката и радоста“, пишува Ана Јосифовска историчар на уметност.

Во нејзините дела преовладува магиски реализам, далеку од традицијата и логичното согледување, исполненто со мистицизам како нејзин двигател. Севозможните бои и линии доминираат во нејзините дела како глас што ни ја раскажува приказната.

Приказната за осаменоста, спокојот, самооткривањето, себељубењето. Нејзината композиција е приемлива, исполнета со тонски раскошна палета, создавајќи свет на визии и предизвици. И токму тука, меѓу јавето и сонот, Маја нè остава да ја сонуваме, размислуваме и да ја живееме мантрата на љубовта.

Маја слика мурали, а во летото 2022 е дел од проектот “Graffiti art takes the streets” како претставник од Македонија во Португалија. Нејзини дела се наоѓаат во приватни и јавни збирки во земјата и странство и ги пренесуваат пораките за љубов, себеспознавање и прифаќање на најдлабоки тајни кои кога ќе си дозволиме да ги откриеме и насликаме се претвараат во богатсво и енергија која трансформира.