Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаМанчевски во Брисел: Следен чекор е избор на влада

Манчевски во Брисел: Следен чекор е избор на влада

Потпретседателот на СДСМ и пратеник во Собранието на Р.Македонија, Дамјан Манчевски, во текот на вчерашниот ден оствари посета на Европскиот Парламент.

Манчевски присуствуваше на заедничкиот состанок на пратеници од Европскиот Парламент на кој присуствуваше и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, како и амбасадорот на Реублика Македонија во ЕУ, Андреј Лепавцов.

Потпретседателот Манчевски ја пренесе одлучноста на парламентарнното мнозинство да ги продолжи демократските процеси и да обезбеди евро-атланстки перспективи за граѓаните и за Р.Македонија.

На состанокот, еврокомесарот Хан случувањата во Собранието на Р.Македонија минатиот четврток ги оцени како незамислив акт на насилство и побара да се најдат извршителите и да изведат пред лицето на правдата. Еврокомесарот Хан го поздрави изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието и истакна дека следен чекор е избор на реформска Влада којашто ќе биде ориентирана кон исполнување на итните реформски приоритети, што ќе отвори пат за отворање на пристапните преговори на Македонија за членство во ЕУ.

За време на посетата на Брисел, Манчевски оствари и билателарни средби со европратениците Кнут Флекенштајн, Едвард Кукан, Иво Вајгл, Виктор Боштинару, Јенс Нилсон, Тонино Пицула, како и со европратеникот и претседател на Партијата на европски социјалисти, Сергеј Станишев. Сите го осудија насилството врз новинарите и пратениците во Собранието, го поздравија изборот на новиот претседател на Собранието на Македонија и изразија поддршка на продолжувањето на демократските процеси и формирање на новата реформска Влада, како и силните заложби на мнозинството кон евро-атлантските интеграции.