Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаМалески: На ред е решавање на македонско – грчкиот спор за името

Малески: На ред е решавање на македонско – грчкиот спор за името

По потпишувањето на договорот за пријателство со Бугарија, на ред за решавање треба да биде македонско- грчкиот спор за името доколку Македонија сака забрзано да стане членка на НАТО и ЕУ. Така смета првиот македонски министер за надворешни работи Денко Малески, во изјава за Гласот на Америка.

„Би требало да биде, затоа што освен некое привремено решение на кое би се согласиле и Грците, ние не би можеле да станеме членки на НАТО. Нема тоа да биде едноставна работа, но ако ние се посветиме во барање на компромис, можеби и ќе го најдеме. И секој оној кој влегува, мора да биде подготвен на определени жртви, за она што ќе го добие како член на сојузот“, истакна Малески.

Според него, Македонија на овој пат ја има подршката како од Брисел, така и од Вашингтон, но за решавање на проблемите мора да биде подготвена и на компромиси.

„Потоа една мала држава како Македонија добива на своја тежина и добива осигурителна полиса за својата егзистенција и тогаш поспокојно ќе можеме да постоиме“.

Граѓаните се со поделени мислења околу тоа како да реши спорот за името.

„За да оди напред државата, треба да се направи компромис. Мора некој да попушти, дали ние малку, тие малку“.

„Не треба да има компромис. Името треба да остане, Македонија треба да остане. Не треба да се попушти“.

„Нема попуштање. Ако попуштиме, потоа е готово. Но кога ќе не стегнат од надвор, ќе мора да пристапиме тогаш. Ние сме мал народ, не зависи од нас“, додава друг граѓанин.

„Јас мислам дека е најдобро со компромис се да се реши се`. За која било страна, компромисот секаде во светот е нешто со што се` може да се реши. Тоа не зависи од нас“.

Дека постои позитивната клима во односите помеѓу Скопје и Атина, потврди и премиерот Зоран Заев, кој минатата недела најави дека го повикал преговарачот Метју Нимиц во наредниот период од неколку месеци, да излезе со соодветни алтерантивни решенија и заедно со опозицијата да се реши ова прашање, за како што кажа, проблемот да не се одолговлекува.

„Верувам дека во соодветен момент ќе се направат и услови да направиме чекор понатаму да разгледуваме варијанти на можни решенија на проблемот“, подвлече Заев.

Засега нема најави за нова посета на Нимиц на Скопје и Атина, иако одредени грчки медиуми пишуваат дека во периодот меѓу локалните избори во Македонија во октомври, и претседателските избори во 2019-та година, можно е да се отвори можност за решавање на спорот.