Tuesday, May 7, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаМалески: Иванов ризикува да предизвика нестабилност

Малески: Иванов ризикува да предизвика нестабилност

Првиот министер за надворешни работи на независна Македонија, Денко Малески смета дека кога некој ќе се обиде да го закочи демократскиот процес и да го пренасочи во друга насока, ризикува да предизвика нестабилност. Тој вели дека претседателот Ѓорге Иванов и официјален Брисел очигледно не се на иста фреквенција и не може да се разберат за што точно зборуваат.

Малески за „Дојче веле“ истакнуав дека во историјата на самостојна Македонија никогаш немало толку конзервативни и недемократски пораки од горе надолу внатре во македонското општество, ниту пак кон меѓународната заедница.

– Откажувањето на средбата со еврокомесарот Јоханес Хан се должи на фактот дека македонскиот претседател знае што ќе му биде кажано. Имено, дека демократијата е отворен процес на сменливи и одговорни политички елити, процес преку кој се изразува волјата на мнозинството во парламентот. Дека апсолутно нема право да го попречува тој процес и да ја креира агендата на домашната политика, повикувајќи се на национален и државен интерес. Националниот и државниот интерес произлегува од збирот на парцијалните интереси на македонското општество изразен преку партиски програми, кои низ дебата и договор се усогласуваат во програма на влада што ја изразува волјата на мнозинството во парламентот – вели укажува Малески.

Според Малески, потегот на претседателот воопшто не води кон смирување на состојбите.

– Кога некој ќе се обиде да го закочи демократскиот процес во текот на изборната процедура која трае веќе четири месеци, и да го пренасочи во друга насока, ризикува да предизвика нестабилност. Зошто? Затоа што самиот демократски  процес е гарант за мирен трансфер на власта. Напуштајќи ја заробената држава и влегувајќи во вистински плурализам, ќе имаме чести трансфери на власта и променливи коалиции кои ќе ја водат државата. Овој испит мора да го положиме. Граѓаните и опозицијата не треба да одговорат со истите методи што ги употребуваат луѓето од власта, бидејќи тоа е рецепт за конфликт. Сите можности треба да бидат искористени се додека има шанса за мирен трансфер на власта – порачува Малески.