Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаМакедонија официјално побара од Албанија враќање на 20 украдени икони

Македонија официјално побара од Албанија враќање на 20 украдени икони

Македонија официјално побара од Албанија да и врати 20 украдени икони од непроценлива вредност. Јавното обвинителство се повикува на Европската конвенција за меѓусебна правна помош во кривична материја и Законот за меѓународна соработка во кривична материја на Република Македонија.

Во полициската акција наречена „Икона“ во 2013 година албанската полиција заплени поголем број на икони и црковни предмети. Во декември истата година, на средбата помеѓу албанската и македонската полиција беше споделена информација дека 20 од запленетите икони не потекнуваат од Албанија и дека постои можност истите да се одземени од цркви и манастири лоцирани во западниот дел на Македонија, со оглед на тоа што членовите на криминалната група вршеле криминални активности и на територијата на нашата држава.

Експерти од Македонија, извршија увид во запленетите икони и подготвија стручен наод и мислење во кој беше утврдено дека 20-те икони, потекнуваат од цркви и манастири што се наоѓаат во западниот дел на Македонија и дека истите се оригинални. Утврдено е од кои цркви и манастири, во кој временски период и на кој начин предметните икони се противправно одземени и потоа илегално изнесени од Македонија.

Доказите прибрани во текот на истрагата, обвинителот од Тирана ги приложи кон поднесениот обвинителен акт до надлежниот суд во Тирана и есента минатата година беше донесена правосилна осудителна пресуда.