Thursday, May 2, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаКривични за претседателите на судови кои ќе исплатат намалена плата

Кривични за претседателите на судови кои ќе исплатат намалена плата

Кривични пријави за претседателите на судовите кои незаконски ќе исплатат плата со намалување од 40 % за административците кои штрајкуваат, најавија Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судска администрација. УПОЗ бара и реакција од премиерот и од Државниот инспекторат за труд.

УПОЗ денеска соопшти дека побарал премиерот да утврди политичка или каква било друга одговорност за министерот за правда, неговиот заменик и вработени во Министерството за правда поради незаинтересираност за решавање на барањата од штрајкот, како и дека е известен Државниот инспекторат за труд за повреда на Законот за работни односи во судовите.

„При пресметката на платите се направени неколку пропусти кои не се во согласност со Законот за судска служба и Законот за работни односи. Плати не се исплаќаат со наредба како што тоа го наложи Судскиот буџетски совет во едно од низата известувања. Претседателите на судовите не ги почитуваа и одредбите на Законот за работни односи во врска со штрајкот. Не се потпишани изјави на работниците за штрајк, не е утврден начионот на раобта за итни случаи и се направени повеќе повреди на Законот за судска служба“ – вели Пецо Грујовски, претседател на синдикатот на УПОЗ.

Грујовски посочи и дека во екот на штрајкот се направени софтверски измени на системот за пресметка на платите во кои се воведени графи за казнување за време на шрајк.

„Во упатствата до благајниците се подвлекува дека во една од графите каде што стои казнување за штрајк, зависно од работникот може да се зголеми или намали казната процентуално што предизвикува на сомневање дека ќе се прават манипулации и поделба на работниците на „наши“ и „ваши““- вели Грујовски.

Лидерот на синдикатот на судската администрација посочи дека штрајкот продолжува до исполнување на нивните барања.