Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаЌе има ли недостиг на струја поради лошите производствени капацитети?

Ќе има ли недостиг на струја поради лошите производствени капацитети?

Ситуацијата со производството на електирична енергија во Македонија е катастрофална и оваа година земјава ќе произведе најмалку струја од кога и да било досега, изјави Драган Миновски, генерален директор на АД „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ).

За ваквата состојба тој ги обвини претходните раководства на компанијата, кои, како што рече, изминативе години работеле недомаќински и неодговорно.

– Во 2006 година произведени биле 6.510 гигават-часови, во 2013 бројките се веќе значително намалени… За годинава, пак, предвидувањата се дека ќе завршиме само со 3.600 гигават-часови произведена електрична енергија, што не се случило никогаш – рече Миновски.

Причините за ваквата состојба, според Миновски, се во тоа што во текот на оваа година не се направени редовните годишни ремонти на блоковите на РЕК Битола, потоа лошо изведената ревитализација на блоковите 2 и 3 во Битола, зафат за кој биле платени 66 милиони евра, неотворените нови копови за јаглен во РЕК Осломеј и исцрпените хидроелектрани во кои нивото на водата е спуштено под нивото потребно за безбедно и стабилно управување со системот.

Генералниот директор на ЕЛЕМ уверува дека компанијата прави максимални напори ниското ниво на производство на струја да се зголеми, за да се избегне или да се минимизира потребата од увоз на електрична енергија до крајот на 2017 година.

Во врска со финансиската состојба на АД ЕЛЕМ, Миновски соопшти дека до крајот на годината компанијата ќе влезе во минус.

– На 7 август 2017 година, при примопредавањето на сметката на АД ЕЛЕМ, на истата имаше 7,3 милиони евра расположливи средства. Но, до крајот на оваа година ЕЛЕМ треба да плати кредити во износ од 12,5 милиони евра – рече Миновски.