Sunday, Apr 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаИванов побарал од Туск позитивна порака за деблокада на интеграцијата на Македонија

Иванов побарал од Туск позитивна порака за деблокада на интеграцијата на Македонија

Претседателот Ѓорге Иванов на денешната средба со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, во Брисел, побарал „нов импулс и испраќање позитивна порака“ за деблокирање на интеграцијата на Македонија во Европската Унија и почеток на пристапните преговори за членство.

Во фокусот на средбата на Иванов со Туск биле европската иднина на Македонија и сè она што го прави земјата за конечно да добие датум за почеток на преговорите. На средбата станало збор и за состојбата во регионот и во ЕУ, како и за мигрантската криза.

Одговарајќи на новинарско прашање дали е можен обид за сместување на поголем број мигранти во Македонија на подолг период, Иванов изјави дека земјава во 2015 и во 2016 година излегла со став дека има капацитет само за прием на 2.000 бегалци и тоа транзитно.

– Нашиот капацитет е само за транзит, но, сепак, сега зависи како новата македонска влада ќе се постави, какви одлуки ќе донесе и какви обврски ќе преземе. Тоа е прашање што треба да се упати кон новата влада – рече Иванов.

Иванов, кој е во дводневна работна посета на Брисел, утре ќе има обраќање на форумот „Кран Монтана“ и ќе оствари средба со Дидие Рејндерс, вицепремиер и министер за надворешни работи и европски прашања на Белгија.