Sunday, Apr 28, 2024
HomeДЕНЕШНАСветИсламска држава ја презема одговорноста за нападот во Орландо

Исламска држава ја презема одговорноста за нападот во Орландо

Џихадистичката сунитска организација Исламска држава синоќа ја презема одговорноста за нападот врз ноќниот клуб во Орландо, Флорида, во кој се убиени најмалку 50 луѓе, а 53 се ранети. Истовремено Федералното биро за истраги (FBI) потврди дека осомничениот Американец со авганистанско потекло, Омар Матин уште во 2013 година го привлекол вниманието на безбедносните служби.

„Вооружениот напад врз ноќниот геј клуб во градот Орландо, во американската сојузна држава Флорида, во кој се убиени или ранети повеќе од сто луѓе е извршен од борец на Исламската држава“, ги цитира Reuters извештајот на агенцијата Aamaq која се смета за тесно поврзана со џихадистичката групација.

Претходно фотографијата на осомничениот за масакрот во Орландо, Омар Матин, беше објавена на акаунт на Twitter кој е поврзан со Исламската држава со кусата објава „Човекот кој го изврши нападот врз ноќниот клуб на Флорида, во кој се убиени 50 и ранети десетици“.

Малку пред објавата на џихадистите со преземање на одговорноста за инцидентот кој американските власти го квалификуваа како терористички чин, детективот на FBI Роналд Хопер на брифинг со новинарите потврди дека Бирото го регистрирало Матин првпат во 2013 година.

Истакна дека во тој период FBI ги проверувало изјавите на сведоци во врска со Матин, го снимало осомничениот и двапати бил повикан на испрашување. Тогаш не можело да се утврди негова поврзаност со терористички групи, и истрагата била затворена. Хопер додаде дека Матин по вторпат бил проверуван во врска со американскиот бомбаш самоубиец Абу Салах. Тогаш со него исто така разговарале агенти на FBI, но заклучиле дека тој не претставува никаква закана.

Хопер потврди дека 29-годишниот американски државјанин Омар Матин е роден во Њујорк, но додаде дека FBI засега нема сознанија дали тој имал соучесници во нападот во клубот во Орландо. „Во моментов немаме втор осомничен, по кого би трагале. Немаме информации за никакви потврдени закани во областа на Орландо или во земјата“, рече Хопер.

Матин официјално го купил оружјето со кое го извршил нападот,соопшти на прес-конференцијата на Флорида портпаролот на американското Биро за алкохол, тутун, огнено оружје и експлозивни средства (ATF).

„ATF го следеше тоа огнено оружје. Знаеме дека тоа лица купило најмалку две парчиња огнено оружје. Тоа не се наоѓа под забрана, и оттаму слободно и легално може да влезе во продавница и да се снабди со огнено оружје“, изјави потпаролот Тревор Велинор.

Според него, осомничениот ги купил автоматската пушка и пиштолот, кои полицијата ги пронајде крај неговото тело во клубот по престрелката, „последнава седмица, или тука некаде“.

извор:Макфакс